ДУИ очекува Тачи да не ги напушта како опозиција


Арта Биљали-Зендели порача денес дека  парламентарната група на „Европскиот фронт“ ќе продолжи да дејствува опозициски и во полн состав и дека е единствена. Ваквите нејзини очекувања таа ги поткрепува со изјавата на Мендуч Тачи, лидерот на ДПА,  дека и покај тоа што илезе од Европскиот фронт, и натаму ќе дејствува опозициски.

„Ставовите на Мендух Тачи тој самиот ги објави вчера и мислам дека беше доволно јасен за да се стекне впечаток дека тој ќе продолжи да дејствува како опозиција и ќе се консултира редовно со претседателот на ДУИ Али Ахмети“,рече Биљали-Зендели на денешната прес-конференција.

Во однос на изјавата на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити кој во неделата рече дека очекува дестабилизација на „Европскиот фронт“ и оти напуштањето на Мендух Тачи е само почеток, Биљали-Зендели рече дека одговорни за тоа се лидерите на партиите во коалицијата, а не тие што се надвор од неа.

„Што се однесува до тоа дали се плашиме дека ќе има и други протекувања од ’Европскиот фронт’ за тоа што го кажува Изет Меџити, мислиме дека одговорни и со одговорност за тоа што се случува и што ќе се случи во ’Европскиот фронт’ сносат лидерите на политичките партии што се дел од него и самите пратеници, а не тие што од надвор се обидуваат да наметнуваат одредени тези во јавноста“,реча таа.

Таа смета дека не постои можност други партии да го напуштат „Европскиот фронт“, а на прашањето кога последен пат лидерите се состанале таа одговори дека нема таква информација.

Неофицијалната информација која деновиве кружеше во медиумите, дека Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи веќе нема да биде дел од „Европскиот фронт“, вчера ја официјализираше токму лидерот во телевизиско гостување.Тој оцени дека ДУИ ја поразила коалицијата „Вреди“ во секоја смисла и оти нема сомнеж дека ДУИ е политичка сила во земјата.

„ДУИ има бројки, има пратеници. ДУИ го победи ’Вреди’ по бројност, по пратеници, по сè. Никој не може да ме убеди дека ’Вреди’ е појак од ДУИ. ДУИ може дури и да наметне некакво дејство за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма“,рече Тачи.

Мендух Тачи беше кандидат за пратеник на „Европскиот фронт“ во изборната единица 6. Со неговото заминување, коалицијата ќе падне на 17 пратеника во Собранието.