ДУИ и дава и не дава поддршка на резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ


Министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако вчера ја нарече етничка а не државна позицијата во резолуцијата за спорот со Бугарија што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ , денес порача дека таа не е одбиена, туку се укажува од старт дека, додека не се постигне согласност, нема да добие поддршка од ДУИ.

-Замислете оваа Резолуција да помине во Собранието без гласовите од пратениците од другите етнички заедници. Каква порака даваме пред Бугарија? Каква порака даваме пред светот? Дека имаме етнички позиции наспроти државните? Мислам дека најголемата придобивка што ја создадовме овие осум месеци, иако не успеавме да ја тргнеме блокадата и не успеавме да ги започнеме преговорите, е  како процес на солидаризацијата, унифицирањето на ставовите на сите етнички заедници, рече Османи, додавајќи не било лесно да се изгради тој консензус.

Вели дека кога ДУИ ќе ја поддржи Резолуцијата многу покредибилна ќе биде позицијата на Македонија. Во однос на резолуцијата што Бугарија ја донесе во нивниот Парламент, Османи рече дека Софија е во многу покомотна ситуација со оглед на тоа што таа е членка на ЕУ.