ДУИ го пофали „враќањето“ на Артан Груби во Македонија
Денешното апсење на Артан Груби беше оценето на различен начин од политичките партии.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), каде Груби беше висок функционер, позитивно ја оценија неговата одлука да се врати во земјава. Од партијата очекуваат процесот да се одвива според највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентност и целосно почитување на презумпцијата на невиност.
„ДУИ останува непоколеблива во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија. Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните“, велат од ДУИ, додавајќи дека внимателно ќе го следат процесот во сите негови фази.
„Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија Груби да се врати“, рече партиската портпаролка на опозицискиот СДСМ, Богданка Кузеска, нарекувајќи го неговото апсење како театар на македонската граница.
„На овој начин ВМРО, со поддршка од ДУИ, сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со пет тони дрога, кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Како нема ниту една камера од 65 илјади за пет тони дрога, а има камери за Груби?“, изјави Кузеска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ му возвратија на СДСМ дека биле нервозни.
„Сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче. Затоа од СДС се обидуваат да ги затскријат трагите и на овој начин да се спасат себе си“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
За апсењето реагираа и од владејачката коалиција „Вреди“. Оттаму велат дека Груби ја претставува „црната кутија“ за владеењето на ДУИ и дека не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови.
„Мала Речица се тресе од страв за тоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан. На Артан не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови. Но кој се ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, се вели во соопштениeто на „Вреди“.