ДУИ е логистичка поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, вели Оливер Спасовски
ДУИ ѝ помага на ВМРО-ДПМНЕ, ние само ги гледаме потезите кои се влечат во Собранието во овој период и врз основа на тоа што се прави, ние излегуваме со ставовите, вели во интервју за Радио слободна Европа пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничка група, Оливер Спасовски.
Тој потсети на изјавите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е дефакторизирана и дека е минато во македонската политика.
„Вие се сеќавате дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по завршување на изборите и формирањето на владата рекоа дека ДУИ е минато во македонската политика. Дека ДУИ е партијата која за ништо не се прашува и не може да одлучува. Дека тоа е партија која е целосно дефакторизиран и никој нема да ја прашува за ништо. Дел од македонските граѓани дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ токму поради ваквиот пристап кон ДУИ. Но дури и пред да се формира владата, веднаш имавме прва успешна средба и соработка или преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се одвиваа во законодавниот дом, а се однесуваа за поддршка на Законот за организација на државната управа“, рече Спасовски.
„Вториот пат е гласањето за Законот за локална самоуправа кој треба да се донесе со двотретниско мнозинство има повторно соработка меѓу ДПМНЕ и ДУИ“, додаде тој.