Државната ревизија откри неправилности во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви


Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил повеќе слабости и неправилности во работењето на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви при ревизијата на финансиските извештаи за 2024 година и ревизијата на усогласеноста со законската регулатива.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека е изразено мислење без резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи, но мислење со резерва за усогласеноста со законите, подзаконските акти и воспоставените политики.

Ревизорите констатирале дека Агенцијата не доставила предлог-одлука за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство во период од неколку години. Дополнително, биле утврдени исплати на плати и надоместоци кои не биле целосно усогласени со законската регулатива, како и несоодветен начин на евидентирање на полното работно време.

Во извештајот се потсетува дека при ревизијата за 2018 година исто така било изразено мислење со резерва, а при последователната проверка било утврдено дека дел од препораките биле спроведени, дел биле во тек на реализација, додека една препорака останала неспроведена.

-Во делот „Нагласување на прашања“ обелоденети се состојби кои се однесуваат на невратена позајмица на мазут од државен орган повеќе од седум години и трајно издавање на деривати од нафтените резерви по одлуки на Влада по прогласена кризна состојба, се наведува во соопштението од ДЗР. 

Ревизијата укажува и на слабости во законската регулатива, меѓу кои неуреден начин за усогласување на вредноста на залихите со соодветна методологија, правна неусогласеност околу надлежностите за одобрување на подзаконските акти меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како и неутврден мандат на директорот и постапката за именување вршител на должност во Агенцијата.

Дополнително, ревизорите констатирале дека во институцијата не е воспоставена внатрешна ревизија, што претставува слабост во системот на внатрешни контроли.

Државниот завод за ревизија наведува дека не се добиени забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.