Сивата економија „јаде“ половина милијарда евра приходи од буџетот

Според анализата на Стопанската комора сивата економија кај нас е 33,2 проценти од БДП, или 4,288 милијарди евра според податоците за 2022 година. Кога би успеале да се сведеме на нивото на просекот од ЕУ, државата би прибирала најмалку 450 милиони евра годишно поголеми приходи во буџетот


 

Секоја година поради сивата економија Македонија пропушта да собере околу половина милијарда евра приходи во државниот буџет, средства со кои би можеле да се финансираат значајни проекти во образованието, здравството, инфраструктурата…

Ова е процената која денес во Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираа потпретседателот на комората Зоран Јовановски и даночниот експерт Павле Гацов, кои заедно со универзитетскиот професор Александар Стојков изработија анализа за обемот и за влијанието на сивата економија во македонската економија: „’Сивиот дел’ на македонската економија: големина, импликации, решенија“. Според истражувањето, сивиот дел во македонската економија е на ниво од 33,2 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), односно, ако се земат податоците за нивото на БДП во 2022 година, таа изнесува фантастични 4,28 милијарди евра.

„До оваа анализа постоеја различни проценки од различни авторитети за обемот на сивата економија кај нас, кои се движеа од 17 до 33,4 проценти од БДП. За потребите на оваа анализа професорот Стојков направи пресметка и според неа во македонската економија сивиот дел е 33,2 проценти од БДП“, посочи Јовановски, додавајќи дека ниво е отприлика исто како и во другите земји од Западен Балкан, но е значително повеќе од просекот во ЕУ 27, каде што изнесува 19,4 проценти од БДП.

„Што значи низ бројки 33,2 проценти од БДП? Ако ја земеме 2022 година тогаш сивиот дел на македонската економија изнесува 4,288 милијарди евра, ако ја продолжите пресметката понатаму во смисла на изгубени приходи во Буџетот тоа 1,280 милијарди евра“, рече Јовановски.

Зоран Јовановски

Тој објасни дека кога би успеале како земја да се сведеме на нивото на просекот од ЕУ, дури и со толкава сива економија како што има ЕУ, државата би прибирала најмалку 450 милиони евра годишно поголеми приходи во буџетот.

„Можеме да замислиме што се може да се направи во државата, сакате образование, здравство, инфраструктура, со дополнителни 450 милиони евра годишно“, рече Јовановски.

Даночниот експерт Гацов додаде дека не треба посебно елаборирање за каква сума станува збор, посочувајќи дека освен што пропуштаме секоја година поголеми приходи во буџетот, оневозможуваме идните генерации да живеат европски, да имаат модерно здравство, да имаат добри патишта и тн.

Според него еден од водечките фактори за појава на сивата економија се давачките, односно даноците и социјалните придонеси.

„Обично кога се зборува на оваа тема и кога ќе каже дека во некој стопански субјект не се издава фискална сметка веднаш по едноставна технологија се вели дека 18 проценти ДДВ е изгубеното што државата не го наплаќа. Ние во студијата докажуваме дека станува збор за значително поголеми износи односно дека се работи за избегнување на повеќе од половина на прибраните приходи“, рече Гацов објаснувајќи дека ако субјект во сивата економија на целиот прибран приход не плаќа никаков данок, значи сите 100 единици му се приход кој што го става во џеб и го користи понатаму за мултиплицирање и генерирање нова сива економија, корупција и тн. Од друга страна, оној кој што работи во регуларната економија, според направената анализа, за државата двои дури околу 53 проценти од приходите, во вид на данок на добивка, персонален данок, како и други давачки.

„Ова е значајно и затоа во ваквите причини ги наоѓаме и решенијата во борбата против сивата економија односно нејзиното регулирање“, рече Гацов.

Во однос на решенијата, тој меѓу другото ги посочи дигитализацијата која може да обезбеди контрола и следење на сивата економија, но на пиедестал, сепак е политичката волја.

„Сметаме дека е потребна силна политичка волја и во контекст на Декларацијата на Стопанската комора за која што зборуваме, државата треба да се грижи да ги наплаќа своите приходи кои што ѝ припаѓаат, но не од оние кои што редовно ги плаќаат, туку од оние кои што треба да ги внесеме во системот и да ги направиме уредни даночни обврзници, односно субјекти кои што ќе си ги плаќаат своите давачки“, рече Гацов.

Тој додаде дека иако не плаќаат давачки, оние кои што работат во сивата економија, до крај имаат право да ги користат сите државни услуги еднакво како и оние кои што плаќаат даноци, во контекст на патишта, безбедноста од војската и полицијата, здравството, образованието и тн.

На презентацијата на анализата во Стопанската комора беше речено и дека во оптек се две стратегии со кои државата ја искажува намерата за борба против сивата економија, од кои едната е Стратегијата за формализирање на неформалната економија, документ на Министерството за труд и Акциски план за сузбивање на сивата економија, документ на Министерството за финансии.

„За жал она што во приватниот сектор сметаме дека е најважно, а тоа е отчетноста, ефектите, резултатите, презентирање пред јавноста за да видиме колку успеваат, односно колку тие мерки се добри и даваат резултат, не успеваме никаде да го најдеме, односно не се презентирани никакви резултати на оваа тема“, рече Гацов.

Во однос на факторите кои што ја детерминираат сивата економија, во студијата се дава резиме на 28 студии за тоа кои фактори колку влијаат. Околу половина од појавата на сивата економија се објаснува со висината на даноците и социјалните придонеси, 10-15 проценти се објаснува со интензитетот на државната регулатива, колку таа е обемна и ги притиска фирмите во водењето на бизнисот, а има и редица други поединечни фактори кои што се 5-8 проценти. Посочените фактори објаснуваат 70-90 проценти на сивата економија.

Во студијата се презентирани и повеќе мерки за борба против сивата економија, од стандардни и познати во светот до некои „порадикални“, затоа што, како што беше објаснето, Македонија е во ситуација кога треба да се впушти во беспоштедна бескомпромисна борба против сивата економија и да се заборави на политичка толеранција од типот „сивата економија го обезбедува социјалниот мир, се работи за наши гласачи“ и тн.

Павле Гацов

„Еден од водечките проблеми за генерирање на сивата економија е готовината, затоа бараме проект за истиснување на готовината бидејќи таа ја храни сивата економија“, рече Гацов, кој сугерира воведување јавна давачка за правните лица при подигање готовина од нивните трансакциски сметки.

Според него, тоа би ги дестимулирало да се подигнува готовина за работи кои што можат да се изведуваат преку трансакциски сметки.

„Умерена даночна стапка би била 0,5 проценти при секое подигање на готовина. Банките веќе наплаќаат провизија за подигање готовина, но ако се уредува ова со прописи, се разбира дека таквата провизија треба да биде исклучена односно оневозможена, бидејќи државата би дошла по своето“, рече Гацов.

Една од можностите за намалување на сивата економија би била и евентуалната замена на физичките пари со нови со обележјето Северна Македонија. Тоа е шанса целата готовина да се прибере во еден одреден период, но и можност да се види кој од каде и на кој начин ја стекнал и дали за тоа платил јавни давачки за таа готовина.

„Се разбира ова треба детално да биде разработено, и да биде претворено во ефективна мерка“, посочи Гацов.

Во однос на дигитализацијата. Оцената е дека Македонија веќе заостанува зад другите земјии од регионот, особено во однос на примената на некои документи, како што се е-фактура, е-фискална сметка, користењето на можностите на мобилните телефони за извршување на трансакции и тн.

„Знаеме дека УЈП работи на систем на е – фактура, но сите други земји тоа веќе го направија Србија, Албанија… Бараме ова да биде централизирано“, рече Гацов.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, пред презентирање на анализата, рече дека сивата економија долго време ја оптоварува државата, а особено бизнисот кој е најпогоден поради тоа што му се врзани рацете за да може да остварува инвестициска активност и да оди напред и да ја поддржи државата во сите развојни функции.

Тој додаде дека станува збор за маѓепсан круг во кој што се вртиме веќе 31 година и во кој што државата репродуцира социјални трансфери во најголем број кои што ја потпомагаат сивата економија, наместо со некаква програма и со поддршка на комората, односно на база на релевантни показатели, да се обиде да направи пресврт на тој план.

„Често слушаме дека УЈП ќе излезе со црна листа на даночни плаќачи и често слушате дека бараме да се објави белата листа кои се тие што плаќаат“, рече Азески.

Според него тоа е значајно прашање бидејќи на површина ќе излезе реалноста. Вака реалноста не може да се види затоа што на таа црна листа се наоѓаат сите должници, по сите основи и по сите вредности, односно суми во кои што тешко може да се дојде до показатели што ќе кажат кој како и од кои причини се наоѓа на таа листа.

Бранко Азески

„Белата листа ќе покаже кој умее да се носи со проблемите, кој е тој што умее и во вакви услови да го полни државниот буџет, да овозможи економска активност и да овозможи функционирање на државата. Како бизнис заедница бараме да се изнесе и таква листа која што ќе покаже кој е кој во државата и кој е тој што најмногу го полни буџетот“, додаде Азески.

Според него борбата против сивата економија е во врвот на приоритетите кои што можат да ја извлечат државата од ситуацијата во која што се наоѓа.

Зборувајќи за последиците од сивата економија, потпретседателот на комората, Јовановски рече дека тие се познати: ако се зголемуваат давачките за оние кои што ги плаќаат обврските затоа што некој друг е во сивата економија и не плаќа, тоа негативно се одразува на нивната финансиска кондиција, нема лојална конкуренција, растот на економијата се ограничува бидејќи тие што се во сивата економија сакаат да останат под радарот и затоа својот раст на некој начин го ограничуваат што индиректно го ограничува и растот на целата економија. Сето тоа ги погодува јавните фондови и буџетот на државата.

Тој се осврна и на пошироките, неекономски аспекти, при што рече дека сивата економија го поткопува владеењето на правото, затоа што кога се толерира, се воведува неказнивост во системот и намалување во довербата во владеење на правото.

„Конечно, толерирањето на сивата економија во поголем обем, во подолг временски период носи ризик во даден момент тие кои што се дел од сивата економија на одреден начин да го преземат општеството со својата ментална матрица и со тоа да го преобликуваат согласно својот начин на размислување. Оттука произлегува дека сивата економија не е само економско прашање туку и длабоко општествено прашање“, рече Јовановски.