Државата оди брзо назад, власта ќе нема цел мандат: Интервју со Бујар Османи

Ветив дека секој ден од пет ипол до седум ипол ќе шетам пешки по Чаир, да ги видам сите проблеми на општината, вели Османи во интервју за „Независен“


Мицкоски во една прилика кажал на странски дипломати дека „ова е време за второ полувреме“, тврди Бујар османи (Фото: Б. Грданоски)

 

Кандидатот за градоначалник  на Чаир и поранешен шеф на дипломатијата, Бујар Османи, во интервју за „Независен“ ги гледа изборите на 19 октомври како референдум  на кој граѓаните ќе кажат – дали ќе продолжат по европскиот пат или кон српскиот свет. Тој смета дека уназадувањата во државата се толку големи што не смее да се чека ни цел мандат за да ѝ се прати порака на власта. Османи најавува дека во март ќе има и предвремени парламентарни избори, бидејќи по локалните ќе се покаже дека оваа ситуација е неодржлива.

Според него, со Чаир 20 години раководел само еден градоначалник, Изет Меџити, и иронија е да бара уште четири години за да го направи Чаир подобро место за живеење. Ветува дека ако биде избран веќе нема да има нелегално градење во општината, но дека е илузија да се урива сега зграда од 12 ката во која живеат граѓани што со години штеделе за да си купат стан. „Илегални градби, тоа кај мене нема да проаѓа“, тврди Османи, бидејќи како што вели, сите што го познаваат знаат „дека ни кафе не плаќа со државни пари, а не пак некој да изгради незаконски зграда под негов надзор“. 

Тој проценува дека урбанистички Чаир е во таков хаос и толку не се испочитувани стандардите што, ако се случи нешто како во Кочани или земјотрес, бројот на жртви ќе биде огромен. За актуелното раководство вели дека склучило 720 фиктивни договори на дело со партиските активисти, наводно за одржување комунална хигиена, но единствена обврска им била да пишуваат постови против него и ДУИ, а не да чистат.

Разочаран е од Христијан Мицкоски бидејќи со него Албанците се сведени на „нула“ во државните институции (нивната застапенст паднала за 2 отсто) и притоа вели дека на разговор со дипломати премиерот порачал „дека ова е време за второ полувреме“ и дека свесно се креира криза во државата по нечие барање од север.

 

Имате највидлива и најорганизирана кампања од кандидатите за градоначалници. Тропнавте на многу врати, од градинки до приватни семејства. Зборувате за изборите како референдум и организиран отпор за промена. Зошто Чаир е толку голем влог за ДУИ?

Има две причини за тоа. Овие избори на 19 октомври се референдум сами по себе, бидејќи граѓаните за првпат имаат време да дадат порака дали земјата ќе продолжи по европскиот пат или кон српскиот свет. Очигледно, тоа се двете алтернативи меѓу кои нема друг простор. Еден чекор кон ЕУ е чекор подалеку од српскиот свет, и обратно. Граѓаните на минатите избори гласаа за надеж за подобро и сега ќе ја имаат првата шанса да го прекинат навреме ова целосно уназадување и уништување на сѐ во што е инвестирано во оваа држава во последните 30 години. Патот кон ЕУ е целосно закочен, меѓуетничките односи се на најниско можно ниво, Рамковниот договор целосно се анулира столб по столб, не се живее подобро, а граѓаните ја губат надежта и продолжуваат да земаат туѓи пасоши  и да ја напуштаат државата. Мислам дека ќе биде доцна да се чека цел мандат за да се прекине оваа ситуација. Штетата е толку голема што може да преминеме точка од која ќе биде инверзибилна и, тогаш, ќе биде доцна. Затоа 19 октомври по многу работи е референдум за наредните децении.

Најпрво, ЕУ е целосно изгубена од јавниот дискурс. Мислам дека тоа е целосно свесна политика која доаѓа од север, од новите странски партнери од српскиот свет. Го посочувам често примерот со Црна Гора во која српскиот свет е многу влијателен, но Црногорците толку се борат, даваат отпор на прекинувањето на европскиот пат и се многу блиску до членство. За Албанија да не зборувам. Ние целосно подлегнавме на идејата дека РСМ нема иднина во ЕУ и дека треба да се врати во српскиот свет. Го видовме видеото со српската министерка во Битола во коешто јасно и без никакво перде вика „ова е нашата територија низ која поминала српската војска“. Притоа, сакам да ги одвојам тука српскиот народ и држава.

 

Која е вашата дефиниција за српскиот свет?

Српскиот свет е идеологија која има за цел да ја врати РСМ под целосно своја контрола преку длабоката држава, медиумите, културата, идентитетот и црквата, за еднострано да го трансформира македонскиот идентитет и посебност во српски. Тоа е еден круг на центри на моќ со таква цел и за тој свет најважно е РСМ да не продолжи по патот за ЕУ, бидејќи знаат дека така ќе се отргне од тоа влијание. Всушност, под превезот дека Бугарија го загрозува идентитетот ни се случува целосно ризикување и на македонскиот и на албанскиот идентитет преку тоа влијание.

Рамковниот договор има три столба: Првиот е правото на албанскиот народ во Македонија кој да ги претставува. Тоа суверено право е одземено и за неговото раководство се одлучува во белата палата. Тоа го правеше Белград во педесетите на Косово. Знаете што направија Албанците на Косово? Направија паралелен систем. Рекоа – нас не ни требаат вашите, вие немате легитимитет. Во РСМ ние се обидуваме аргументирано да кажеме дека е неодржливо да се наметнува волја од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.

Второ, ни ја укинаа можноста да имаме влијание врз политиката  и вработувањата со балансерот. Го укинаа и од тој момент Албанците се сведени на „нула“ во државните институции. Сега исто се обидуваат и со Бадентерот.

19 октомври по многу работи е референдум за наредните децении, вели Османи (Фото: Б. Грданоски)

Третиот столб беше јазикот, најголемата придобивка од Рамковниот договор кој сега е исчезнат од институциите. Не само што ја нема двојазичноста во документите, туку се сменети и меморандумите кадешто го пишува името на министерствата или на институциите. Се менуваат печатите, се менуваат таблите, за да се тргне албанскиот јазик. Некој се обидува свесно да создаде ситуација на тензии меѓу Македонците и Албанците за да можат постојано да се повикуваат на север за помош. Јас секогаш кажувам дека најголем политички интерес овде се добрите односи со Албанците и затоа за нив и за Македонците исто така 19 октомври е референдум дека оваа држава треба да си ја зачува посебноста, идентитетот, добрите меѓуетнички односи и евроатлантската перспектива. Тоа е автентичниот македонски интерес. За жал, постои една цела пропагандна машинерија која се обидува да го изврти македонскиот во некаков си интерес на српскиот свет. Никогаш Македонците и Албанците тука не биле во подеднаков ризик, и тоа го забележувам во Чаир.

Постои една цела пропагандна машинерија која се обидува да го изврти македонскиот во некаков си интерес на српскиот свет

Македонците во Чаир се малцинство. Секое навредливо однесување кон Албанците ги вознемирува. Велат, зошто премиерот ги потценува Албанците? Зошто вели „ќе ги фатиме за уши и ќе ги извадиме од куќите“? Балансерот, ако ги штитеше Албанците на национално ниво, ги штити Македонците на локално. Кога беше балансерот општината мораше да вработи Македонци колку што процентулао има во Чаир и тоа беше заштитен механизам за сите. Некој очигледно сака свесно да создаде криза и има добиено инструкции од некого од горе – од кредитите кои доаѓаат од Пекинг преку Будимпешта, Белград и надолу. Се случува сериозен идеолошки клин кој го загрозува интересот на македонскиот народ пред сѐ, на Албанците и на државата. Затоа сум заинтересиран на 19 октомври граѓаните да речат – не може вака.

 

Граѓаните се уморни од странски непријатели, повеќе ги загрижуваат сега домашните…

Но, овде веќе има докази. Да го ставите Стоилковиќ како министер за Рамковен договор тоа е најголема навреда, тоа е провокација, тоа е стратегија. Пораката е – вие малцинствата ќе се ротирате. Досега прагот 20 отсто ги одвојуваше Албанците со посебен статус. Сега сакаат да го тргнат за да ги изедначат Албанците со другите. Сме кажале уште од 2021 дека олигархијата најмногу се противи на членството на Македонија во ЕУ бидејќи ќе го загуби монополот. И на еднаквоста се противи бидејќи, пак ќе ѝ се наруши тој монопол, а тоа се најголемите спонзори  на македонските политички партии. Тие ги собираат политичките лидери и им велат: Албанците премногу влегоа во системот, преку вработувањата, преку бизнисот, станува ризично и вие мора да направите нешто за полека да ја маргинализирате нивната улога. Тука мислам дека има елементи и од српскиот свет во тој договор. Почнува да се остварува планот чекор по чекор, а според него Уставниот суд станува инструмент за негова реализација.

Вториот договор е дека никогаш повеќе македонските партии не треба да зависат за мнозинство од албанските, по што е воведен концептот дека Албанците не одлучуваат, туку тој што е близок од нив со македонската политичка елита. Фатмир Лимани беше заменик-директор на Мицкоски во ЕСМ, станаа лични пријатели и потоа почнаа некои бизниси. Не само што Мицкоски реши Беса, која ги изгуби изборите, да биде дел од владата, туку и на Беса ѝ го наметна решението. Која е пораката? Дека патот до претставувањето на Албанците оди преку лични пријателства и запоставување на народот. Затоа се случуваат некои феномени. Знам дека Мицкоски во една прилика кажал на странски дипломати дека „ова е време за второ полувреме“.

Мислам дека тоа се сериозни прашања кои им прават најмногу штета на Макеоднците. Еден изгубен ден на европскиот пат е уште една група  Македонци кои земаат странски пасоши. Вие да го принудувате својот народ  да оди во Софија и да потпише дека потеклото му е бугарско, значи не да не го сакате, туку да го мразите. Така што, ова што го зборувам не го зборувам само од перспектива на Албанците и нивните интереси туку зборувам подеднакво за Македонците.

Ова е погрешна политика и најголемата штета ќе ја почуствуваат граѓаните без оглед на етничката припадност. Македонската политичка елита го едуцира својот електорат дека Албанците им се закана, а тоа не е автентичен македонски интерес. Тоа е интерес на српскиот свет кој секогаш сака да создаде чувство на загрозеност кај Македонците за да ги направи зависни. Ако Македонците создадат доверба со Албанците и си дадат беса дека ќе се почитуваат, дека ќе одиме кон ЕУ, што имаат потреба тогаш да бараат некаква заштита од Белград? Но, оваа пропаганда дека Албанците се закана има фатено корен и таа емоција се злоупотребува на избори преку анти-ДУИ политики. Јас повторно велам, нема поголем и поавтентичен македонски интерес отколку ние да се поддржуваме едни со други.

Три прашања се најголеми во Чаир: урбаниот хаос, нечистотијата и недостатокот на паркинзи (Фото: Б. Грданоски)

Балансерот беше еден од тие механизми и откако се повлече во УЈП вработувањата се 41 спрема еден, во Централниот регистар 10 спрема нула, во Елекстростопанството во Струга 23-0, во Дебар 26-0, затоа што нема свесност и секој добива партиска листа. Фактот дека Албанците од 0,2 отсто влегоа во поголем процент во институциите на државата ја направи унитарна. За година ипол статистиките се дека тој процент на Албанците во институциите е паднат за 2 отсто, што е голема бројка. Ние живееме во паралелни светови и младите не се дружат, не одат по исти кафеани, дискотеки, така што единствени мостови што нѐ држат заедно се државните институции. Во нив во исти канцеларии работат Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци и склучуваат пријателства. Ако ги исклучувате и од таму, како мислите да ја задржите унитарноста?

А, знаете ли што се случува сега во полицијата? Полицајците Албанци велат дека ова не е како состојбата пред 2001 туку како пред 1997 година – целосно исклучување и маргинализирање. Исклучени се од безбедносните институции – каква е таа порака? Исклучени се од Агенцијата за разузнување каде за првпат нема заменик-директор Албанец. Што сакате да покажете со тоа? Дека не им верувате на Албанците во делот на разузнувањето? Во војската генералот Албанец што имаше највисока позиција, Бесник Емини, како шеф на оперативниот штаб, сега е однесен за советник во Министерството за одбрана. Најподготвениот генерал Албанец со сите НАТО сертификати е тргнат, а викаат го унапредиле. Ова е свесна политика на исклучување. И некој веројатно им дал задача да испровоцираат некоја нова ситуација.

Во системот мора да има луѓе од сите заедници. Не велам дека Рамковниот договор е совршен, но е единственото функционално решение. Знаете ли која е алтернативата? Единствена алтернатива на Рамковниот договор е Дејтонскиот. Одете во Босна да видите како функционира таа држава. Ние го имаме најдобриот проект кој премиерот, целата влада и претседателката свесно сакаат да го минираат. Ние им велиме на Албанците: Не смеете да потпаднете под таа провокација. Нема подобро решение од унитарна држава и тоа го кажуваме во секој наш говор или обраќање.

 

Конкретно за Чаир, кои се целите на кои ќе се фокусирате ако станете градоначалник?

Чаир е најнечистата, најхаотичната и најнетранспарентната општина во Скопје. Чаир е место каде што граѓаните не можат да живеат и секој ден се во кавги, до убиства, за паркинг места. Значи тука нема основни услови за живот, при што не зборувам само за местата каде што живеат Албанците. Бев во Топаана, најубавата локација во Скопје. Се наоѓа на рид спроти Американската амбасада. Ако влезете таму ќе се шокирате. Кога го однесов таму светски познатиот архитект не му се веруваше дека е можно во центарот на Скопје, спроти американска амбасада, вака да живеат луѓето. Дваесет години Чаир е раководен од еден ист човек и по 20 години да се бараат нови четири години, и тоа со предлог  – ќе направиме план за Чаир – тоа е како 20 години да правите куќа и на крај велите ајде да направиме план за куќата. Тоа значи дека 20 години сте работеле без план и сега резултатот е овој хаос. Затоа што се работело без визија и врз основа на лични интереси. Така, имате населба во Чаир за која од 1995 година нема ДУП, а тие се законска обврска на 5 години. Од 1995 не донеле ДУП, знете зошто? Зашто, кога нема план полесно ги менувате парцелите и ги градите нелегалните згради што ги гледавме пред неколку недели.

Бев во Топаана, најубавата локација во Скопје. Се наоѓа на рид спроти Американската амбасада. Ако влезете таму ќе се шокирате

Затоа, три прашања се најголеми во Чаир: урбаниот хаос, нечистотијата и недостатокот на паркинзи. Ангажиравме архитетска куќа со најголемо влијание во светската архитектура, на лична основа, преку моите контакти и без финансиска сатисфакција. Чаир е општина од три и пол километри квадратни со 80.000 жители и е една од најгусто населените на километар квадратен во Европа, со околу 25.000 луѓе. И за нив беше предизвик дали може во таква ситуацијата да се најде урбано решение. Што ми е целта? Да исцртаме како ќе изгледа Чаир на крајот, каков ќе биде финалниот изглед. Јас им велам на луѓето – ќе излезам со тоа како ќе изгледа на крајот Чаир, вие тоа ќе го одобрите со вашиот глас, но не ви ветувам дека за една година ќе биде така, туку дека нема да направам  ни чекор надвор од планот. Не постои политички притисок што ќе ме натера да излезам  надвор од планот што вие ќе го одобрите.

 

Што може да смени планот кога општината е премногу изградена?

Еве, на пример, булеварите во Чаир се прекинати на две места, не продолжуваат. Заради тие прекини „Џон Кенеди“ не излегува на „Пластичарска улица“ преку Топаана, а од „Принц“ не продолжува на неа. Заради тие два прекина целиот сообраќај се движи низ „Цветан Димов“ и тоа е ноќна мора за граѓаните. Тоа е едно решение. Второ, Чаир според урбанистичкиот план треба да е целиот со згради. Не е предвидена ниту една куќа освен во последниот ред на Гази Баба. А, во Чаир се се куќи, што значи не е градено според планот. Ги имате „Дижонска“, Серава и Гази Баба кои се субурбанизирани и не можете некому да кажете дека тоа е центар на Скопје. Ние ќе исцртаме како ќе биде урбанизиран тој дел.  Треба да се почне од некаде, треба да се почне од главната улица.

Што направиле со Главниот урбанистички план? Ги ограничиле зградите на четирикатни уште во деведесетите така што не им се исплати на инвеститорите да градат таму, бидејќи е толку густо што треба да купат пет до шест куќи за да направат четирикатна зграда. Тоа треба да се ревидира во согласност со сите сеизмички и други параметри. На пример, во Чаир нема ниту еден слободен тротоар бидејќи се зафатени од коли.  Видов полициски извештај според кој четири граѓани на Чаир дневно завршуваат во операциска сала поради инцидент со тротинет, бидејќи мора да излегуваат на главната улица. За велосипеди да не зборуваме. Има стари градинки на голем простор во „Џон Кенеди“ и ако таму се направи подземна двоспратна гаража и одново се изградат градинките и училиштето над нив, бидејќи се стари бараки, цел „Џон Кенеди“ ќе се ослободи од паркирање, слободно може да се стават столбови и – еве ви решение. И секој ќе има паркинг, и ќе има зеленило, и тротоарите ќе бидат функционални. Знам сепак дека за една година нема да можам да обезбедам пари за сето тоа.

 

Колкав е буџетот на Чаир?

Околу 20 милиони евра, но 12 милиони евра се дотации за училиштата. Но, што се случува сега со преостанатите 8 милиони евра? Општината има склучено 720 фиктивни договори за дело со партиските активисти на новата партија. Тие луѓе не одат на работа и ако влезете на сајтот „Отворени финансии“ ќе ги видите нивните имиња. Тие примаат од 55.000 до 65.000 денари месечно и нивна задача е да излегуваат на митинг и да пишуваат на социјални мрежи против мене. Пресметавме дека тоа се 350.000 евра месечно во просек.  Замислете 350.000 евра секој месец да инвестирате во улица, да реновирате училиште… Но, партијата држи сѐ во општината. Имате еден ресторан кој е партиска база и е на заменик-министерот за транспорт, а општината има договор со него во вредност од десетици илјади месечно кој го плаќа со парите на даночните обврзници, за да можат активистите да се сретнат со партиските лидери. Затоа велам дека граѓаните во Чаир не бараат промена на политичари туку бараат промена на културата на владеење.

Чаир е најнечистата и најхаотичната општина во Скопје, вели Османи (Фото: Б. Грданоски)

Јас не им ветувам чуда, туку им ветувам  чесност пред сѐ. Дваесет години сум хирург, а знаете какво е прашањето со корупцијата во хирургијата. Јас им велам јавно да излезат и да кажат дали за  20-те  години работа некој може да впери во мене прст за било каква корупција. Дваесет години сум во политиката од кои 10 години сум министер. Тоа ми е мене најголемиот капитал –  интегритетот, и политички и етички. Затоа можам сега да зборувам против еден премиер кој ги користи сите механизми за да им наштети на противниците. Бидејќи во политиката е најважно да немате слаба точка каде што можат да ве притискаат.

Второ, дисциплината. Кога си хирург, тоа е прво нешто што ве учат, да остануваш долги ноќи буден, да станеш рано сабајле. Ние имавме општина во која градоначалниците доаѓале на работа во 13 часот. Јас ветив дека секој ден од пет ипол до седум ипол ќе шетам пешки по Чаир, бидејќи е толкав. Ќе го евидентирам секој проблем и во седум ипол ќе ги свикам службите и ќе им дадам задачи. Луѓето не бараат чуда, тие знаат колкав е буџетот. Бараат внимание. Гледате ли некаде бела линија на улиците – нема. Вчера е пополнета една дупка во општината за 72.000 денари, а за иста таква дупка во Општина Центар платиле околу 6.000 денари. Луѓето бараат чесност, дисциплина и посветеност.

Последните анкети покажуваат дека односот на поддршката за нашата коалиција и за ВЛЕН е меѓу 150-160.000 и 50-60.000, што е три спрема еден

Трето, мислам дека моја предност е и експертизата што ја имам околу ИПА фондовите. Три години бев национален координатор за ИПА. Сите проекти од општините дошле во мојата канцеларија и ние сме ги отфрлале, прифаќале, разработувале, преработувале, кажале добро или не, и сме ги аплицирале во програмата.

 

Може ли да ви се случи „Данела синдром“, да ве блокираат на државно ниво околу фондовите…

Не, затоа што по референдумот на 19 октомври ќе се смени целата ситуација и за неколку месеци ќе имаме предвремени парламентарни избори. Последните анкети (прашајте ги ВМРО-ДПМНЕ дали имале анкета пред десет дена) покажуваат дека односот на поддршката за нашата коалиција и за ВЛЕН е меѓу 150-160.000 и 50-60.000, што е три спрема еден.

 

Тие тврдат дека е обратно…

Ете, јавете се во ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме втора коалиција по ВМРО-ДПМНЕ, така што по референдумот на 19 октомври ќе биде неодржлива ситуацијата со пријатели да ги раководите Албанците. Тоа не функционира. Тоа е „проба Милошевиќ“.

 

Дали ова да го сфатиме како најава дека ќе влезете во владата на ВМРО-ДПМНЕ?  

Како избори, веднаш уште во март, можеби и порано, на кои ќе се донесат некои одлуки – за ЕУ, за почитување на Рамковниот договор и, се разбира, за ветингот како трет услов што го бараме како ДУИ.

 

Но, реално Чаир и досега го водеше ДУИ. Зошто сега би било различно, иако разбирам дека вие сте различна личност?

Тоа е главното.

 

Но, вие 20 години гледавте како партија што се случува во Чаир…

Токму затоа луѓето не бараат промена на политичари туку промена на културата на владеење. Јас во општината Чаир не сум влегол последните 10 години така што, иако сме биле од од иста партија, одговорноста е лична. Таа има име и презиме. Јас не можам да обвинувам некого за МНР ако се работело вака или онака. Јас сум бил одговорен таму. Партиите се големи организации и врз основа на некои параметри вие давате доверба некому, но одговорноста на крајот, потписот, си има име и презиме. Така што, не можам да преземам никаква одговорност за тоа што се случувало во Чаир, но ветувам дека, знаејќи како сум работел во сите институции, ќе функционирам пред сѐ во тие три параметри – чесност, дисциплина и посветеност.

 

Каде ги лоцирате можните слабости на Меџити како кандидат за градоначалник на Чаир?  

Јас обично не сакам да зборувам за другите. Луѓето велат  дека ова е битка меѓу Бујар Османи од ДУИ и Изет Меџити, ветеранот на ДУИ, бидејќи 20 години беше потпретседател на партијата и градоначалник. Сега, по 20 години, кога се нудите како алтернативно решение, со ветување дека  со уште четири ќе направите да е подобро во Чаир, е иронизирање.

Во 2017 година нѐ советуваа ние, како штаб на ДУИ, да не го прикажуваме во јавност Меџити за да ги добиеме изборите. И ние избравме нов кандидат, Висар Гарниу, кој не беше познат, спортист, никогаш на некаква функција, сметајќи дека со тоа праќаме порака дека политиката на Меџити нема да се врати. Но, за жал Ганиу, без намера да навредам, стана „пенкало“ на Меџити. Продолжи со истата политика и затоа е големо иронизирање кон тие што ни бараа да не се врати таа политика, тој пак да се кандидира. Постојат и некои принципи: 20 години да бидете човекот што одлучувал се во партијата и сега, кога секој ден плукате по таа партија, е како да плукате нагоре бидејќи плунката може да ви падне на лице.

Ќе функционирам пред сѐ во тие три параметри – чесност, дисциплина и посветеност (Фото: Б. Грданоски)

Како ќе се справите со дивоградбите во Чаир? Ако е точно тоа што го зборуваше Данела Арсовска, Чаир  е општина со најголем број?

Да, се споменуваат 150 дивоградби и тоа е огромна бројка. Најпрво, кривичната одговорност ќе си ја тераат институциите и околу тоа,  мислам, дека не смее да има никаква толеранција. Бидејќи тоа е најголемата штета што можете да ја направите на своите граѓани. Но, што правиме со луѓето што цел живот штеделе да купат стан и биле изманипулирани да купат во нелегални згради во кои, според она што го слушнавме, не е почитувана статистиката, не се почитувани стандардите за безбедност од пожари итн. Цел живот штеделе и сега живеат со едно око отворено, да не им се случи нешто. Проценките се дека ако во Чаир се случи нешто слично на тоа во Кочани или помал земјотрес, тука жртвите ќе бидат безбројни бидејќи не е испочитуван никаков стандард. И, затоа, иако некој ќе каже дека не е принципиелно, не мислам дека тие граѓани треба да бидат жртва.

Сметам дека веднаш треба да направиме експертиза дали се безбедни тие згради, каква им е статиката, дали може да се средат. За тие што не можат да бидат безбедни, треба да им укажеме на граѓаните дека сами си го ризикуваат животот и треба да најдеме решение. Тие што можат да бидат безбедни, мислам дека не треба да се уриваат. Но, тие што се во фаза на градба а се нелегални, што не се доизградени и населени, или се нови згради без документи, кај мене тоа не поминува, и тоа сите го знаат. Сите тие што работеле со мене знаат дека јас со државни пари не пијам ни кафе, а не пак да може некој да направи зграда под мој надзор. Секаде каде што ќе се гради на табла ќе има „QR“ код и секој граѓанин ќе може да види кој гради, има ли дозвола, кој ја издал и кога истекува. Ќе имаме и интерактивна мапа така што секој граѓанин ќе може да влезе на интернет и да ги најде истите податоци, за да граѓаните станат на некој начин градежни чувари, покрај инспекцијата. Нови нелегални објекти надвор од планот ги исклучувам како опција, но за тие што се безбедни, што веќе ги купиле граѓаните – мора да најдеме решение. Не можеме да уриваме згради од 12 ката во кои луѓето веќе живеат.

Ветив, исто така, дека Чаир ќе биде првата општина во која целата процедура на тендерирање  ќе се пренесува во живо на каналот на општината. Мораме да ја смениме перцепцијата дека сите политичари се корумпирани и дека сите се исти. Не можам да го дозволам тоа. Не можам да си дозволам да ме поистоветуваат со корумпирани политичари бидејќи цел живот го посветив  на политиката. Ќе поканиме и граѓански организации во секоја тендерска комисија, да имаат член таму и лично да следат како се спроведуваат тендерите. Знам дека нема многу тендери во општината, но сакам да дадат пример како да се прави тоа, па можеби ќе им се допадне и на некои министерства. Бидејќи кај луѓето тоа е перцепцијата – политичар, функција, тендер и пари. Мора некој да го прекине тој магепсан круг. Ќе се спроведува тендерот преку пренос во живо, па нека се обиде некој да го злоупотреби.

 

Најавивте младински културен центар на платото пред Скендербег. Нели е тоа упад во автентичноста на Старата чаршија?

Но, Плоштадот Скендербег е новоизграден…

 

Токму тоа, целиот влез на Старата чаршија е новоизграден…

Јас се видов со еснафот во Чаршијата и им реков дека ќе најдеме фотографии каква била таа пред 100 години и не ми треба мислење ни од архитект, ни од некој друг. Сакам да ја вратиме сликата од пред 100 години, бидејќи не може целата Чаршија да биде покриена со чадори со „Скопско пиво“, „Кока кола“ и „Пепси“ и со вештачки цвеќиња и да има фаст фуд ресторани, да се продава текстил и облека. Луѓето не доаѓаат таму заради фаст фуд, туку заради историскиот момент. Го видов примерот со Ѓирокастро каде што е реновирана чаршијата. Кога дошле да ги тргнат натрешниците и додатоците, сопствениците на дуќаните реагирале, но сега, откако е средена чаршијата, трипати е зголемен бројот на туристите и обемот на бизнисот. Тоа треба да им се каже на луѓето.

Над 100.000 турски туристи има годишно во Старата чаршија. Замислете ако бидат 300.000 од цел свет? Мора да го вратиме занаетчиството и тоа да го субвенционираме како општина. Секој кој ќе отвори дуќан за стари занаети ќе му помогнеме во делот на стартапот. Дури и ако учи некој занает, како чирак, ќе даваме помош, и ќе напишеме како бренд „Стара чаршија“ на производите. Второ, не може во Чаршијата да има фаст фуд туку традиционална храна. Значи, занаетчиство, традиционална храна и стар изглед. Тоа е решението и тоа бара само внимание. Сега автомобили влегуваат внатре,  кучиња скитници ги плашат туристите, нема културни активности. Ветивме дека ќе организираме 60-дневен фестивал во Чаршијата и дека таму ќе има сцена секој ден – театар, музика и други  активности, за да живее.

 

Бевте во црква и во џамија. Тоа го сфативме како порака дека ќе водите сметка еднакво за интересите на сите граѓани. Што ќе направите Чаир да не се претвори во гето во кое ќе се чувствуваат добродојдени само Албанците?   

Прво, премиерот треба да ја прекине националистичката реторика бидејќи тоа се рефлектира овде. Јас тропам на секоја врата во Чаир, а Македонците ми велат дека му се лути бидејќи им ги нарушува односите со соседите и внесува немир. Јас секогаш сум имал мултиетнички кабинети и ги уривам тие табуа – дека секој си функционира во својот табор.

Затоа имам добар прием кај Македонците, бидејќи го знаат моето сфаќање за толеранцијата и соживотот. И, не случајно влегов прво во црква, а не знам дали некој политичар од Чаир влегол воопшто. Се видов со попот и ветив дека ќе помогнеме околу комуналната хигиена бидејќи општината сега функционира со 700 работници кои всушност ги нема, бидејќи се партиски активисти кои не излегуваат да чистат туку имаат должност само да објават по еден статус на ден против Османи и ДУИ. Реков дека ќе направиме ново претпријатие во кое ќе има еден сектор што ќе се грижи за верските објекти, дворовите и парковите зашто, ако Чаир се препознава по нешто, тоа се старите верски објекти. Во општината има една православна црква и повеќе џамии и, на пример, се претпоставува дека во Султан Мурат џамијата се наоѓа гробот на ќерката на Сулејман Величествениот! Не е сигурно, но се претпоставува. Исто така сум бил во многу саат кули низ Европа кои се многу послаби од нашата во Чаир и треба да чекаш ред два часа за да влезеш и да направиш селфи. Нашата стои затворена, несредена и нечиста. Затоа општината ќе се грижи за нив, ќе ги чисти, бидејќи Чаир нема море, но има Чаршија, најголемата на Балканот, и верски објекти. Тоа значи многу туристи, многу бизниси.

 

Очекувате ли инциденти на изборите, бидејќи сите проценки се дека најжестоката политичка битка ќе се води тука?

Не, имам многу релаксирана кампања. Се обидувам да не напаѓам, не навредувам и тоа го забранив на сите волонтери активисти. Политиката е натпревар на идеи, луѓето не сакаат навреди, не сакаат ароганција, сакаат мирна и културна кампања. Јас секој ден имам средба со медиумите и одам од врата на врата, ненајавено. Им тропам, излегуваат, им се преставувам … Досега нема Македонец што не излегол на врата и не рекол – ние сме за тебе. Може се само учтиви, но првиот инстинкт не лаже.

Она што мене ме плаши се гласините дека ќе купуваат гласови. Исто така, што мојот противкандидат не дава оставка од вицепремиерската функција, иако досега сите даваа оставки што се кандидираа. Ви текнува на Невзат Бејта, на Теута Арифи, дури и пратеник даде оставка, а Меџити не. Не може проектите од Министерството за животна средина да ги промовира како кандидат за градоначалник. И, што се случува сега? Од владата праќаат покана до новинарите во која стои дека вицепремиерот „и кандидат за градоначалник на Чаир“ ќе имаат настан. Како може владата да кани новинари за кандидат за градоначалник на Чаир? И, немаше реакција од новинарите. Секој ден во рамки на владините проекти се вадат багери во Чаир, се копаат улици, прават нешто за да купуваат на тој начин гласови. Се зборува и дека ќе се обидат да даваат пари на некои места. Тоа е најголема навреда за луѓето и за тоа има само едно решение – масовен одѕив. Само така можат да се превенираат овие обиди да се купуваат гласачите.

 

На кои гласови сметате вие освен тие на ДУИ, особено ако ВМРО-ДПМНЕ ги мотивира неговите членови и симпатизери да гласаат за Меџити?

Нема да добијат зошто јас ги гледам анкетите. ВМРО-ДПМНЕ може да има 200-300 активисти кои може да го слушаат. Но, Македонците на кои им е отежнат животот овде од дивоградбите, од тоа што отвораат прозор и имаат зграда пред себе, од нечистотијата, тие нема да слушаат наредби од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа сум убеден дека ќе добијам мнозинство и од македонските гласови во Чаир. Во последната анкета разликата во поддршка е над десет отсто во моја корист, а досега немаше избори на кои можеше да се надмине таа разлика. Јас дури сметам дека кога сте во опозиција тие бројки се потценети бидејќи луѓето се плашат да кажат за кого се. Мислам дека разликата ќе биде уште поголема.