Дрвја – закана над главите на граѓаните: „Паркови и зеленило“ од 2022 година чува десетици барања за кастрење во Аеродром


Фото: Б. Грданоски

Стотици дрвја низ Аеродром се закана по безбедноста на граѓаните, автомобилите, прозорците на зградите, уредно пријавени и обележани за сечење и кастрење, сѐ уште не се исечени од надлежното претпријатие „Паркови и зеленило“.

Како што појасни една советничка, која денеска на седница на Советот на Град Скопје, за поставување советнички прашања, читаше список на пријавени и обележани дрвја за сечење, на булеварите „АСНОМ“, „Видое Смилевски Бато“, „Владимир Комаров“, „Јане Сандански“ и други места само низ Аеродром.

– Добив документ од неколку страници 4 или 5 од четири страници, со фонт 6-ка, во кои се наведени десетици барања. Овде има барања кои што се од 2022 година, од 2023, 2024, 2025, еве и 2026 година… Значи четири години непостапување по барања за кастрење на веќе обележани дрвја, за коишто е воспоставено дека може да пречат на безбедноста на граѓаните или да наштетат на нивниот имот – рече таа.

Појасни дека има и друг докумет според кој граѓаните пријавиле проблем, општината излегла на терен, постапката е спроведена, Град Скопје дал одобрение, општината испратила ургенција кога бил пробиен рокот за постапување и повторно ништо не се случило. За неа ова е чист пример за институционална негрижа. На овој начин, појаснува таа, општината и Градот ги завршиле своите обврски, а „Паркови и зеленило“, никако да сработи.

Го праша директорот дали имаат план и програма според кој ќе се исполнат овие барања на граѓаните.

Праша, дали градоначалникот е задоволен од работата на директорот на ова претпријатие и ако не е задоволен, дали е поважно да се спречи некоја незгода или одржување на добрата соработка со партијата ВЛЕН, во пресрет на сѐ поизвесните парламентарни избори.