Дрон удри во владината кула во Москва Сити


 

Ноќта на 1 август, неколку дронови повторно се обидоа да ја нападнат Москва. Еден од нив удри во деловниот комплекс Москва Сити.

„Оштетена е фасадата на ниво на 21. кат. Искршено е застаклувањето од 150 метри квадратни. Нема информации за жртви. Службите за итни случаи работат на местото на настанот“, рече градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на својот канал на Телеграм.

Според ТАСС, дронот удрил во кулата IQ-кварт, во која се сместени канцелариите на Министерството за економски развој, Министерството за дигитален развој и Министерството за индустрија и трговија.

Уште два беспилотни летала беа соборени со системи за противвоздушна одбрана на приближување кон главниот град, соопшти Министерството за одбрана.

Претходниот напад со беспилотни летала на градот Москва се случи ноќта на 30 јули. Тогаш два дрона се урнаа во облакодерите на деловниот комплекс. Третото беспилотно летало е соборено од противвоздушна одбрана во областа.