Драматично се зголемува недовербата спрема ЕУ во Бугарија

За прв пат досега бројот на оние што не ѝ веруваат на ЕУ е поголем од оние кои имаат доверба во Унијата


Ерозија на евроатлантското мнозинство во Бугарија

 

Политичката криза во земјата, како и другите гоеполитички настани предизвикаа за прва пат во Бугарија недовербата спрема ЕУ да биде поголема од довербата. Според истражувањето направено во летото 2022 48 отсто од Бугарите не ѝ верувале на ЕУ, додека во неа имале доверба 43 проценти. Како што пишува софиски „Дневник“ тоа е сигнал дека има ерозија на евроатлантското мнозинство во Бугарија. ЕУ веќе не може да се толкува како апсолутно безбеден и несомнен надворешен стабилизатор на либералната демократија во Бугарија.

Ако се земе предвид мислењето само на поддржувачите на водечките политички партии, резултатот е уште попроблематичен – само 39 отсто сметаат дека Бугарија геополитички треба да остане ориентирана кон ЕУ и НАТО.

Овие резултати произлегуваат од истражувањето направено од угледната агенција „Алфа рисрч“ во партнерство на Институтот отворено општество – Софија и Центарот за либерални стратегии.

За 2021-2022 година, опсервацијата е дека „иднината на демократијата во нашата земја зависи исклучиво од квалитетот на бугарските политички партии и од нивната лојалност кон демократските вредности“.

„Посебно загрижувачка е тенденцијата во краток временски период да се спроведуваат масовни и успешни кампањи против вредностите кои можат да се дефинираат како европски и демократски. Како резултат на ваквите кампањи, во последните години дојде до ерозија на клучните вредности во јавната сфера – особено на толеранцијата кон сексуалните и етничките малцинства. Доколку не се најде ефективна реакција за борба против овие ќе се испразни од содржината и ќе ризикува да се претвори во диктатура на мнозинството“, пишува во извештајот за истражувањето.

Од партиите кои влегоа во сегашниот парламент по гласањето во октомври, анкетата на нивните гласачи три месеци пред гласањето покажува дека само три од нив имаат евроатлантско мнозинство. Меѓу нив, во ГЕРБ ова мнозинство е најмало, бидејќи повеќе од четири од десет симпатизери сметаат дека геополитичката ориентација на Бугарија треба да се разликува од онаа кон ЕУ и НАТО (или немаат одговор).

Довербата на бугарските граѓани во ЕУ останува релативно висока во споредба со довербата во националните институции, посочуваат авторите, но исто така бележи постојан тренд на намалување. Во исто време, уделот на луѓе кои изразуваат недоверба во ЕУ се зголеми од 32 отсто во 2018 година на 41 отсто во 2021 година и на 48 отсто во јуни 2022 година.

И покрај падот на уделот на оние кои изразуваат доверба во ЕУ, во јуни 2022 година најголемата група испитаници (49%) изјавиле дека во случај на референдум ќе го поддржат членството на Бугарија во ЕУ, 36 отсто е би гласале против членството, а 15 проценти биле неопределени. Најголемата група граѓани (45 отсто) наведуваат дека не би гласале за партија која сака Бугарија да излезе од ЕУ, 28% од испитаниците изразиле подготвеност да гласаат за таква партија, 23% не можеле да се одлучат.