Драган Ковачки избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Во новиот состав на Извршниот комитет веќе не се пратеникот од Кочани, Миле Лефков, и директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски


Драган Ковачки (Фото: Б. Грданоски)

 

Пратеникот Драган Ковачки вечерва е избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Централниот комитет на партијата. Избран е нов состав на Извршниот комитет. Информацијата за одлуките на ЦК на новинарите им ги соопшти претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Ковачки (49) е поранешен полковник во Армијата каде беше дел од разузнувањето. Тој ја напушти армиската служба за да стане дел од политиката. Во два мандати е пратеник во Собранието.

Има повеќе контроверзи во неговата кариера. Тој беше политички активен додека сѐ уште беше дел од Армијата, што е законски недопустливо. Една од контроверзиите е дека не добил безбедносен сертификат на НАТО, туку само национален. Втората е кога од собраниската говорница во јули 2022 се обиде да го запали „францускиот предлог“. Но откако запалката не му работеше, тој го искина на парчиња. За тоа беше критикуван од тогашниот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеи, дека тоа бил потег што „поттикнува омраза и носи само штета“.

За новиот состав на Извршниот комитет Мицкоски рече дека бил „спој меѓу искуството и дел од луѓето кои се веќе дел од претходните состави на ИК и нови членови“ Според него, тоа бил показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.

Две познати лица ги нема во новиот Извршен комитет: пратеникот од Кочани Миле Лефков и директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски. Освен нив во новиот состав ги нема Олга Лозановска, Мевмет Џафери  и Ристо Симеонов.

Во него се сите четворица досегашни потпретседатели, како и Антониот Милошоски, Влатко Ѓорчев… Новата млада „ударна тупаница“ Драгана Бојковска стана член на ИК. Како и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски.

Ова е составот на новиот Извршен комитет: Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Рашела Мизхархи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николоски.

Според статутот, ним ќе им се приклучат новите претседатели на УМС, Унијата на жени и Унијата на ветерани. 

За организациски секретар е избран Ивица Томовски, досегашен и иден директор на Централниот штаб, а за шеф на неговиот кабинет Владимир Неловски

Мицкоски најави дека во претстојниот период ќе има избор на претседатели на партиските општински комитети.

Премиерот рече дека најдоцна до јуни ќе има реконструкција во некои ресори од владата, што се совпаѓа со нејзината втора годишнина.