Драган Даутовски стана дописен член на МАНУ: Пригодна реч на академик Влада Урошевиќ
По речиси дваесетгодишно отсуствување на творци од областа на музиката, овој пропуст со изборот на Драган Даутовски е исправен и Одделението за уметност при МАНУ добива достоен нов член, рече денес академик Урошевиќ
Познатиот етномузичар, композитор и педагог, музиколошки експерт кој мајсторски свири на повеќе од 20 народни инструменти, Драган Даутовски (1957, Русиново) е избран за дописен член во работниот состав на МАНУ на 21. Изборно собрание на Академијата за избор на членови на МАНУ во работниот состав (редовни и дописни), на членови надвор од работниот состав и на почесни членови, одржано на 7 ноември 2025 година.
Како новоизбран дописен член на највисоката научна институција кај нас, Даутовски, денеска, пред полна сала во МАНУ , одржа пристапно предавање. Предавањето на Даутовски беше насловено „Топчестата глинена флејта од Македонија – праисториски музички инструмент“.

Еве што рече во пригодната реч, академик Влада Урошевиќ:
„Како секретар на Одделението за уметност при МАНУ ја имам пријатната должност да ја одржам оваа куса пригодна реч, како вовед во пристапното предавање на новоизбраниот дописен член на Академијата Драган Даутовски.
Со изборот на Драган Даутовски, Одделението за уметност на МАНУ ја пополнува празнината што постоеше во неговиот состав во однос на застапеноста на сите облици на уметноста кои се предвидени во неговото дејствување. Но, сега, по речиси дваесетгодишно отсуствување на творци од областа на музиката, овој пропуст е исправен и Одделението добива еден нов член кој со опсегот и интензитетот на досегашните свои ангажираности ни дава солидни основи да веруваме дека музиката одново ќе стане присутна во овој дом и во активностите на нашата установа.
Токму широчината на интересирањата и на насоченостите на Драган Даутовски во доменот на музичката уметност ја дава основната карактеристика на овој наш значаен творец. Тој има постигнато мошне високо ниво и во компонирањето, и во изведбата, и во проучувањето на музиката и во едукацијата, така што во неговата исклучителна творечка личност се обединуваат сите релевантни приоди кон оваа уметничка област.
Ќе ве потсетам накратко на стручните квалификации и на уметничкиот опус на Драган Даутовски кои му овозможиле да стане мошне видлива фигура во македонскиот музички живот и да заземе едно посебно и, несомнено, значајно место во македонското музичко творештво. Во раните години, кога пред младиот човек се отвораат многубројните можности од чие што искористување ќе зависи неговата иднина, тој решително се определува за идната своја професија и идната своја уметничка патека: по завршувањето на средното музичко училиште во Штип, своето високо образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекоот за музичка теорија и педагогија. Магистерските и докторските студии ги реализира на Факултетот за музичка уметност, на теми од областа на етномузикологијата.Од 1996 година започнува да предава група предмети на насоката за народни инструменти на Факултетот за музичка уметност, при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Паралелно со педагошката дејност, Драган Даутовски се остварува како творец, компонирајќи голем број музички дела и учествувајќи во нивната концертна изведба. Неговиот творечки опус опфаќа над 600 композиции. Истовремено, неговата концертна дејност е исклучително богата, со повеќе од 2000 концертни настапи, како на домашната, така и на светската музичка сцена.
Промовирајќи го македонското музичко творештво, честопати вклопен во програмите на Организацијата на Обединетите нации и на Унеско, Даутовски настапувал како автор и исполнувач на своите дела низ светот – во Париз, Стразбур, Вашингтон, во концертната сала на соборниот храм „Христос Спасител“ во Москва, во Карнеги хол во Њујорк, во Загреб, Љубљана,Сараево, Нови Сад,Будимпешта, Киев, Атина, Брисел, Лондон, Фиренца, Токио, во Операта во Сиднеј, во Хавана, сѐ до Абуџа (Нигерија), до Ханжу и Шенжен (Кина)… Со својата дејност тој несомнено има улога на репрезент на нашата земја, на нејзината културна традиција и на нејзината вклопеност во современата музичка слика на светот.
Извонреден познавач на македонската музичка ризница, воден од сфаќањето дека „музичката култура е дел од националниот идентитет“ (како гласи наслов на едно негово предавање), Даутовски е творец кој го чувствува музичкото наследство како појдовна точка за уметничка креација и за изразување на индивидуалната емотивно-мисловна страуктура преку поврзување со традицијата и со белезите низ кои со векови на една почва се манифестирало колективното несвесно и поривот кон духовноста. Макар што припаѓа на една многу помлада генерација, Драган Даутовски го прави она што пред него, во поезијата, го имаат сторено Петре М. Андреевски и Радован Павловски, а во сликарството Димитар Кондовски и Глигор Чемерски – поставување мост помеѓу далечните времиња на македонскиот искон и современиот миг на нашето сегашно живеење и опстојување.
Остварувајќи една програмски сфатена но, истовремено, природно прифатена симбиоза помеѓу традиционалната музика раѓана на почвата на Македонија и сопствениот музички израз, Даутовски создава една уметност која е органско продолжение на фолклорното наследство поставено како парадигма, но не сфаќајќи го тоа наследство како музејски експонат туку како жива линија на континуитет кој во новите времиња бара нов начин на изразување. Она што Даутовски притоа го прави е „осовременување“ на македонскиот музички фолклор, негово оживување – трансформирано низ призмата на најновите светски музички трендови. Резултат е една музика која ја доживуваме – како глас кој доаѓа од длабочините на далечните векови, но кој , го чувствуваме тоа и со свесниот, но и со несвесниот дел од нашето битие, има што да ни рече и денес. Длабоко оправданиот спој на модерната и традиционалната музика – тоа прави од Драган Даутовски една уметничка личност која на современиот миг на нашата културна сцена извонредно успешно го отсликува сензибилитетот кој можеме да го земеме како стожерен.
Интересот на Драган Даутовски за најраните облици на уметничкиот музички израз на македонска почва среќно се совпадна со еден археолошки наод. При археолошките истражувања вршени во близина на Велес, во 1989 година, најден е еден предмет кој по својот облик отпрво ги збунил архолозите. Керамичката топка, со три отвори, не ја откривала, отпрво својата намена. Потоа – сфатиле: станува збор за еден специфичен и редок музички инструмент – еден вид , доста слободно речено, флејта. Инструментот потекнувал од средниот неолит, таа можеби најважна и најпресудна фаза во човековиот развој, што значи дека последниот што, пред наоѓањето, на него свирел живеел пред шест илјади години.Мошне е среќна околноста што овој сјаен и исклучително редок артефакт паднал во рацете на еден извонреден стручњак како што е Даутовски, кој можел да го открие начинот на неговата употреба и низ директен допир да ја докаже. Тој, речиси буквално, го оживеал инструментот кој лежел милениуми под земја чекајќи го следниот свирач. Со изведба на музика соодветна наприродата на инструментот и со неговите можности, Даутовски ги покажал и ги докажал своите суштински познавања на музичката култура на нашето поднебје и ги открил нејзините длабоки корени.
Изразувајќи го своето искрено задоволство што една ваква сестрано креативна личност станала член на Македонската академија на науките и уметностите, му го препуштам продолжувањето на возбудливата приказна за топчестата глинена флејта на Д-р Драган Даутовски“.

Даутовски се заблагодари за можноста да биде дописен член на МАНУ и рече дека од 1989 година се занимава со проучување на народните инструменти кои ги внеле како наставна програма во средните училишта во Скопје и Штип, на Факултетот за музичка уметност, а подоцна и на Факултетот во Штип, и во основните музички училишта во земјава.

Во пристапното предавање насловено „Топчестата глинена флејта од Македонија – праисториски музички инструмент“, тој посочи дека биле направени снимањата на флејтата на радиологија во здравствени установи со што било овозможено да се ѕирне во нејзината внатрешност.
– Овие рендгенски прикази говорат дека станува збор за монолитен артефакт изграден во целина. Тоа што е во средина се работи за звучна комора и глина на ѕидот на инструментот и може да се забележат потезите на моделирање на отворите, на перфорациите. Користевме ендоскопски третман на археологија. Во почесната флејта употребена е и златната геометрија, прецизно прикажана, додаде Даутовски.
Л. Сабит