„Доста е“, порачаа на протест од Конфедерацијата на слободни синдикати (фото)


Членовите на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска протестираа во Скопје под мотото „Доста е, претеравте!“, порачувајќи дека се незадоволни од актуелната ситуација во земјата во однос на работничките права.

Протестот започна попладнево од булеварот Гоце Делчев спроти зградата на Македонската радио-телевизија, а потоа учесниците со автомобили, но и пешки, се упатија кон Собранието, а потоа и пред Владата.

Од КСС велат дека веќе подолг период се обидуваат да се воспостави социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи, со цел разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените, како и да укажат на почитување на законите и колективните договори кои во континуитет се кршат.
 
 
Затоа, како што велат, е и овој предупредувачки протест на кој побараа да се почитуваат законите од областа на трудовото право, неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, како и да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери.

„Нашите барања се почитување на законите, почитување на колективните договори. Во Македонија сите закони од трудовото право се кршат, а ние кога бараме почитување на тие закони тогаш се пресметуваат со синдикалните лидери, со синдикалните членови. Пробуваат да ги растурат синдикалните организации. Затоа кажавме денеска – доста е, претеравте“, нагласи на протестот, претседателот на КСС, Благоја Ралковски.

Тој истакна дека доколку власите не ги послушаат, ќе продолжат со протестите.

„Ќе биде уште порадикално, ќе биде многу помасовно затоа што денеска беше само симболично. Нека размислат, доставивме до нив барање да направиме еден разговор на фер основа каде што ќе се почитуваме меѓу себе не од позиција на власт, туку како социјални партнери како што е секаде во Европа“, потенцираше Ралковски. (Фото: Б. Грданоски)