„Доста беше со залажувања“: Ковачевски за можната промена на преговарачката рамка

Премиерот од Брисел изјави дека да не беше блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица Македонија веќе ќе беше на европската магистрала


 

Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого.  

Ова го порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето за коментар на синоќешната изјава на претседателот на Европскиот совет дека иако проширувањето е процес базирана на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа.  

„Ваква изјава претседателот на Европскиот совет не кажува првпат, туку неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. Исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат“, изјави Ковачевски на прес-конференција на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел, каде вчера учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан. 

Тој потенцираше дека единствен отежнувачки фактор зошто не е одржана втората меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, која што е јасно наведена во заклучоците, е антиевропската, анти-ЕУ, анти-НАТО и проруска коалиција во Северна Македонија.  

„Штом бидат спроведени амандманите на Уставот, што се од техничка природа ќе биде одржана втората меѓувладина конференција. Овој прозорец на можности којшто го имаме и којшто го имаме до изборите во Македонија и во ЕУ не треба да се пропушти“, изјави Ковачевски, додавајќи дека во 2008 година бевме сведоци на она што се случи во Букурешт на Самитот на НАТО, кога беше одложен нашиот прием во Алијансата, а денес сме сведоци на тоа што се случи во Брисел и поради кого тоа се случи тоа.   

Според премиерот, оваа негова работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку и можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме по европскиот пат, но се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. 

„Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии, а на граѓаните да им служи на ум“, додаде Ковачевски. 

Сепак, според него, и покрај сето ова во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат на Македонија кон Унијата затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ и ние од европскиот пат нема да отстапиме. 

Премиерот Ковачевски додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан беше одлична можност на највисоко ниво да се говори за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан, односно нашата цврста решеност и визија дека ЕУ како и досега останува најголем и најсигурен партнер на Македонија и на регионот. 

Тој нагласи и дека со својата стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, засилената заложба за спроведување на реформите, како и меѓународната поддршка која секојдневно ја добива, земјава не смее да се откаже од европската интеграција. (МИА)