Досега во Бугарија се вакцинирани 29.000 лица
Со инокулирањето на првата доза од вакцините кај 2.324 лица во последните 24 часа Бугарија стигна само до 29.122 луѓе кои се вакцинирани од почетокот на операцијата започната неколку дена пред Нова година. И во Бугарија, како и во многу други земји на ЕУ вакцинацијата тече со ужасно бавно темпо што поради недоволната испорака на вакцините што поради неподготвеноста на здравствените власти, а дел и поради отпорот на населението. Бугарија е најназад од сите земји во ЕУ со темпото на вакцинирањето.
Бриселски „Политико“ пред некој ден објави дека доколку остане сегашното темпо зацртаната цел да се вакцинира 70 отсто од населението над 18 години ќе биде постигната дури во 2040 година. Весникот со тоа сакаше да го илустрира бавното темпо на вакцинирањето во ЕУ.
Што се однесува до Бугарија доколку сака до 22 септември (некаков датум-меѓник) да постигне некаков минимален праг на колективен имунитет треба дневно да вакцинира по 33.000 луѓе. А таа нема вакцинирано толку многу за цел еден месец.
Инаку, паѓа бројот на заболените од корона вирус во Бугарија. Во последните 24 часа има регистрирано 827 нови инфекции. Починале 36 лица. Во болниците се 2.818 луѓе, од кои 281 се на интензивна нега.