Филипче за стоте дена на владата: „Донесоа само разочарување“
ВМРО-ДПМНЕ ветуваше Македонија ќе биде повторно ваша, но добивме Македонија која е повторно само нивна; Македонија која е партизирана, криминализирана и безсперспективна
Лидерот на опозицијата жестоко ја искритикува владата за нејзината работа во првите сто дена, нагласувајќи дека враќањето на споменикот на Ќосето и на оградата околу Владата, како и контроверзниот заем од Унгарија, се единствените нејзини „успеси“.
Венко Филипче од седиштето на СДСМ зборуваше веднаш по прес-конференцијата на владиниот тим на чело со премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека новиот македонски кабинет ја почнал работата „фуриозно“.
Но, според Филипче, ова бил најлошиот почеток на една влада во првите сто дена и дека ништо не исполнила од ветувањата, туку донесла само разочарување. „Вистината ја заменија со постојана пропаганда“ и го запреа патот на Македонија кон Европската унија.
„ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со Унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави“, рече Филипче и праша каде е таа „мудра надворешна политика која ќе нѐ направи повторно горди“.
„Добивме влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност. Влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за политичарите и функционерите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче посочи дека очекувањата на граѓаните, заради ветувањата, со право беа големи и дека Мицкоски ветуваше професионална администрација, мерит систем, повисоки плати, силна борба со криминал и корупција.
„Досега, не исполнија ништо од овие ветувања, а неисполнувањето на големите ветувања носи и големи разочувања“, нагласи Филипче.
Тој посебно се осврна на фактот дека просечната плата за прв пат по седум години падна за сели 1.000 денари.
„Нема зголемување на минимална плата на 450 евра која денес ќе беше реалност со СДСМ. Велат ако ѝ одело добро на економијата тогаш можеби ќе се качеле платите. Наставниците и просветните работници добија покачување од 0,7 наместо 12 отсто кои ги планираше СДСМ. Се случува целосна деградација на работниците и нивните права. За жал, се враќа политиката на евтина работна сила“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче рече дека владата не обезбедила заштита на граѓаните од високите цени и алчноста на трговците.
„Мерките се задоцнети и без ефект. За ВМРО-ДПМНЕ интересот на трговците е поважен од интересот на граѓаните“, истакна Венко Филипче.
За сто дена, рече Филипче, нема ниту никаков траг од епскиот криминал кој наводно ќе го докажуваа.
„Наместо докази и постапки во институциите за прогон, имаме секојдневни прес-конфернции на ВМРО-ДПМНЕ за јавен линч на опозицијата. Мицкоски партиската говорница ја претвори во Јавно обвинителство. Се враќа времето на најлошата пропаганда со која ќе се уништуваат животите на невини луѓе“, нагласи претседателот на СДСМ.
Тој се осврна и на внатрешните безбедносни состојби. „За сто дена ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа небезбедни, убиствата, разбојништвата и нападите станаа секојдневие. Десетици нерасчистени убиства има само откако Тошковски е министер за внатрешни работи. Во полицијата, наместо професионализација имаме партизација со насилници и криминалци“, оцени претседателот на СДСМ.
Тој рече дека телохранители на Мицкоски кои тепаат полицајци стануваа команданти, а лица со криминално минато се поставуваат за директори.
„Безбедносните служби целосно се криминализираат. За само 100 дена имаме партизација на виталните институции и загрозување на безбедноста на косовската граница. Партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и ‘Вреди’ ја третираат државната граница како приватен премин. Никој не контролира што и кој влегува или изглегува на Блаце“, рече Филипче.
Во првите месеци од новата Влада не видовме ниту еден конректен проект или реформа во интерес на граѓаните, смета претседателот на СДСМ.
Филипче се осврна и на пожарите на 10 отсто од територијата на државата и рече дека ова лето изгоре повеќе шума од последните 12 години заедно, додека Мицкоски крајно неодговорно велеше дека ќе се средело се два до три дена.
„Со право некои велат дека ова се најлошите 100 дена на било која Влада. Наспроти ветувањата за мала, професионална државна администрација, добивме влада со четири нови министерства и можност за стотици нови партиски вработувања. ВМРО-ДПМНЕ измисли нови позиции за добро платени национали координатори и вдомување на партиските кадри. За прв пат се воведоа три нови заменици директори во Царина за да се задоволат партиските апетити на Максим Димитриевски и ‘Вреди’“, оцени претседателот на СДСМ.
Во првите месеци добивме и одговор на клучното прашање, а тоа дали вистина ДУИ замина во опозиција, рече претседателот на СДСМ.
„Вистната е дека ВМРО-ДПМНЕ има изгласано повеќе закони заедно со ДУИ отколку со ‘Вреди’. Реалноста е дека додека дење се обвинуваат за дестабилизација на државата, ноќе во Мала Речица прават договори како да се гласа во Собранието. Тајните политички сојузи и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ остануваат единствена одлика на оваа партија“, оценува Филипче.
За сто дена, рече претседателот на опозициската партија, СДСМ објави неброени докази и скандали за корумпираноста на кадрите во владата во кои спаѓаат подароците вредни 320.000 евра за генралниот секретар, картели за јавни набавки на министерката за енергетика, луксузирања на државна сметка со бизнис карти за министрите кои се кријат од јавноста.
„Денес и јавно го прашувам Мицкоски, што се случи со наводниот поткуп кој му го понудиле нему и на Николоски? Има ли некаква истрага премиере и во која институција? Ниту има истрага, ниту има докази, ниту ќе има“, посочи Филипче.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ветуваше Македонија ќе биде повторно ваша, но добивме Македонија која е повторно само нивна. Македонија која е партизирана, без одоговорност, небезбедна, криминализирана и безсперспективна.
„Имаме 100 дена изговори наместо решенија, изолација наместо интегрирање и општество во кое доминира неизвесноста. Паралелата меѓу ветувањата и реалноста е сурова. Македонија водена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сѐ само не горда и очигледно е дека државата оди во погрешна насока“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ се осврна и на состојбите во партијата за којашто рече дека се консолидира како единствена и кредибилна опозиција на актуелната власт.
„Имаше грешки, но никогаш не направивме грешки во однос на стратешките интереси на државата и граѓаните. СДСМ три децении се бори за европска Македонија и ние сме подготвени директно да се соочиме со валста и да се спротивставиме на сите погрешни политики“, рече Филипче.
За СДСМ има три приоритетни политики на партијата, евроинтеграцијата, стандардот на работниците и зголемувањето на платите, како добри меѓуетнички односи. „Грижата за добри меѓуетнички односи, како наша трета политика, рече претседателот на СДСМ, е основа за стабилен политички систем и СДСМ нема да дозволи да оживее национализмот како последно засолниште на криминалот.