Донесена уредба под кои услови може да се прогласи кризна енергетска состојба


Носењето ваков документ е законска обврска, но не значи и автоматско прогласување кризна состојба

 

Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и првата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности била донесена во саботата од страна на Владата, и објавена вчера во Службен весник.

Станува збор за документ кој се донесува во согласност со Законот за управување со кризи и кој овозможува координација на надлежните институции, но не значи и автоматско прогласување на кризна состојба поради нарушено снабдување со електрична енергија.

Како што стои во Законот за управување на кризи, Владата донесува одлука за употреба на ресурсите, како и нивна пропорционална употреба според природата и интензитетот на кризната состојба.

Во Законот за енергетика во делот кој е посветен на кризна состојба се вели дека Владата, на предлог на Министерството за економија, со уредба подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, особено во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови на енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на одредена енергетска дејност согласно со Законот за управување со кризи.

Ова, како што стои во Законот, се прави меѓу другото, да се заштитат енергетските системи и да се обезбеди сигурно снабдување со соодветен вид на енергија, а операторите на системи за пренос и дистрибуција на соодветниот вид на енергија се должни да изготват планови за постапување во кризни состојби и да ги достават за одобрување до Министерството.
Мерките утврдени во уредбата треба да бидат од привремен карактер и да траат до завршувањето на кризната состојба, да не го надминуваат обемот и интензитетот што е неопходен за отстранување на последиците од кризната состојба и во најмала можна мера го ограничат или нарушат конкурентното работење на пазарите на енергија во земјата и во Енергетската заедница.

Инаку, минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека во земјава нема електроенергетска криза, има доволно количини на електрична енергија, како и дека цената на струјата нема да се зголеми до крајот на годината.

„До крајот на годината ќе има доволно количина на електрична енергија и сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, рече Бектеши додавајќи дека имал состанок со сите чинители од енергетскиот сектор во рамки на првиот состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба и согласно сите информации од нивна страна не беше донесена одлука за прогласување на електроенергетска кризна состојба во државата.

На состанокот на Комисијата за електроенергетска кризна состојба присуствуваа претставници од најголемиот производител на електрична енергија во земјата, носителот на лиценца за производство на електрчна енергија, носителот на лиценца за пренос на електрична енергија, носителот на лиценца за дистрибуција на електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика, еден експерт од областа и претставници од Министерството за економија.

Оваа комисија согласно Уредбата за критериуми и услови за прогласување на електроенергетска кризна состојба, начин на снабдување со електрична енергија, мерки кои што се превземаат во случај на кризна состојба, како и права и обврски на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејниости ја свикува Министерот за економија.
Главната задача на оваа комисија е постојано следење, анализирање и проценување на електроенергетската состојба во Северна Македонија и на електроенергетската состојба во соседните земји и има задача да го информира министерот.

„Владата веќе презеде и предвремени мерки, како што беше намалувањето на ДДВ-то. За жал, не помина Законот кој беше предложен од страна на Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, за да може што повеќе средства да може да се користат во овие енергетски компании. Но, во моментов сметаме дека нема потреба од мерки, согласно информациите што ги имаме. Тие информации говорат дека до крајот на годината ја имаме потребната количина на електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи. Цените нема да се зголемат, количините се обезбедни. Подготвени сме како Влада да им помогнеме на ЕСМ и МЕПСО во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија од слободниот пазар“, кажа министерот Бектеши.

Министерот истакна дека државата ја гарантира цената на струјата и согласно тоа таа нема да се промени до крајот на годината.
„Се активираат сите домашни ресурси, од денеска веќе е во функција и вториот блок во РЕК Битола за да се обесбедат вкупните потреби за граѓаните. Преземени сите активности за активирање на третиот блок на РЕК Битола со набавка на дополнителни количини јаглен, со што ќе се активира повторно и ТЕЦ Осломеј, а остварена е комуникација за подготвеност за набавка на мазут за ТЕЦ Осломеј“ кажа министерот и истакна дека состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите чинители во енергетскиот сектор со цел изнаоѓање на најоптимални решенија поради проблемот настанат пред се на светските берзи со електрична енергија.

Вчера министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека во Владата се свесни за димензиите на глобалната енергетска криза и се подготвени да одговорат и да работат на тоа.

„Ќе реагираме не само со Буџетот во 2022 година, туку и со актуелниот Буџет за годинава зашто ефектите од енергетската криза веќе се чувствуваат во нашата економија. Не можам сега да кажам колку ќе биде тоа во однос на цените, а ниту сум надлежен за тоа, ниту, пак, Владата е, туку е регулаторното тело“, истакна Бесими.

Тој порача дека во актуелниот Буџетот има средства од програмата за Ковид од околу 6 милијарди денари кои се уште не се реализирани и со нив може да се поддржат енергетските компании. За таа намена, како што рече, во Владата се формира работно тело од повеќе ресори кое треба да  одлучи дали и како ќе бидат поддржани. Веројатно, додаде тој, ќе излезат со предлог мерки и тоа ќе биде спроведено со заклучок од Влада.

„ Во Владата има работен тим што ја следи состојбата и во зависност од тоа каде ќе се ослободат средства ќе се интервенира. Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори пред се да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект“, нагласи Бесими.