Донација од Нептун Македонија за СОС Детско село по повод Светскиот ден на хуманоста


Young female student feeling ready to write exam testing and making individual tasks using technology computer and tablet connected to global network while smiling in university coworking space

Компанијата Нептун Македонија му донираше на СОС Детско село чек во износ од 100.000 денари и апарати за домаќинство во вредност од 100.000 денари од брендот Фуего. Донацијата е  дел од стратешкото партнерство со СОС Детско село „Заедно за повеќе насмевки“, а средствата се собрани во рамките на хуманитарната кампања „Заедно донираме повеќе“ што Нептун ја почна на 3 август годинава, а симболично ја заврши на 19 Август, Светскиот ден на хуманоста.

Со кампањата, како што информираат од компанијата, беа опфатени повеќе производи од сите брендови што се продаваат во мрежата од 25 продажни места во 21 град во земјава, при што за секој купен производ вклучен во хуманитараната кампања, Нептун Македонија донираше 1 отсто од нето вредноста на продадените производи во тој период. Преку хуманитарната акција, компанијата упати повик до своите купувачи да се вклучат со транспарентна комуникација во текот на времетраењето на кампањата.

-По повод Светскиот ден на хуманоста, од каде произлезе идејата за спроведување на акцијата, вчера во дворот на СОС Детско село беше врачен чек во износ од 100.000 денари, финансиски средства кои ќе се искористат за тековните потреби на децата и младите без родителска грижа поддржани од СОС Детско село, но истовремено и ќе донесат многу насмевки на децата, информираат од Нептун. За да има кампањата поголем импакт, додаваат, Нептун ја прошири активноста и со дополнителна донација во добра спрема потребите за тековно функционирање на згрижувачките семејства од СОС Детско село при што на тој начин дополнително се достави и донација на апарати за домаќинство во вредност од 100.000 денари од брендот Фуего за кој Нептун е ексклузивен застапник.

-Во име на сите вработени во компанијата, сакам да изразам најискрена благодарност до сите наши купувачи кои активно се вклучија во поддршка на кампањата „Заедно донираме повеќе“. Секој купен производ значи доверба во Нептун и поддршка на корпоративната иницијатива, собирање средства за добротворни цели, осигурувајќи дека ќе бидат проследени на оние кои се наш мотив да придонесеме за витална разлика во заедницата, изјави  Горан Цветинов, генерален директор на Нептун Македонија.

Делуваме, нагласи, со огромна страст за градење свест за поддршка на добротворни акции кај сите наши клиенти, соработници и партнери.

-Ние во Нептун сакаме да го направиме својот дел и ќе продолжиме да соработуваме и ќе се потрудиме да поддржиме што повеќе иницијативи во уникатната дејност што ја спроведува СОС Детско село. Оваа донација е на некој начин само интензивирање на соработката со СОС Детско село и секако продолжува во периодот што следува во духот на Нептун како општествено одговорна компанија, порача Цветинов.

Раководителката на секторот за собирање средства и комуникации од СОС Детско село, Силвија Димитрова посочи дека одлика на човекот е потребата да споделува, да помага, да дарува, да биде хуман.

-По повод Светскиот ден на хуманоста, нашиот стратешки партнер Нептун Македонија ја препозна таа потреба и делуваше во насока на поддршка на нашата работа – обезбедување топол дом, љубов и грижа во семејна атмосфера и поддршка во подготовка за самостоен независен живот на деца и млади од ранливи категории. Работа која се одвива во континуитет, секој ден, недела, месец. Работа која не може да застане, да престане, да се откаже. Во тој дух, компанијата Нептун ја препозна важноста на одржливоста на нашата работа и стана амбасадор на нашата мисија, рече Димитрова и се заблагодари на Нептун Македонија за хуманоста, донациите и стратешкото партнерство.

Нагласи дека се надева оти ќе бидат инспирација и за останатите компании да помагаат на ранливите категории.