ДОМ против измената на Законот за животна средина: „Техничко прецизирање“ или отворање врата за загадувачка индустрија


Партијата ДОМ, како и левица, реагира на најавеното гласање за измена на Законот за животната средина со кое забраната за индустриски и други загадувачки објекти  на помалку од пет километри се поништува ако станува збор за реконструкција. 
 
-ДОМ, како еден од предлагачите на законското решение со кое во 2022 година беше воведена забрана за изградба и реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја, најостро реагира на предложените измени на Законот за животната средина. Со нив се брише делот „или реконструкција“ од оваа одредба. 
 
Со предложената измена која треба да биде ставена на гласање утре во Собранието, ограничувањето од пет километри ќе остане за изградба на нови индустриски капацитети, но повеќе нема да се однесува на нивна реконструкција.  Тоа би значело дека постојни индустриски капацитети, кои денес се наоѓаат во рамките на оваа заштитна зона, би можеле да се реконструираат и повторно да се стават во функција. Токму затоа, ДОМ бара јасен одговор од Владата: кој е јавниот интерес од укинувањето на ова ограничување? 
 
Особено загрижува што измената се образложува како „прецизирање на опфатот“ и усогласување со европското законодавство. Ако целта навистина е подобрување на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, тогаш мора да се објасни зошто се отстранува конкретна законска заштита што спречува реконструкција на тешка и загадувачка индустрија во непосредна близина на населени места. 
 
ДОМ бара пред гласањето на измените да се образложи:
– кои постојни капацитети би биле опфатени со измената;
– какви влијанија врз воздухот, водата и почвата би можела да има нивната реконструкција;
– какви ризици се утврдени за населението што живее во нивна близина;
– и врз основа на кои европски стандарди се предлага укинување на оваа заштита. 
 
Граѓаните имаат право да знаат дали станува збор за техничко усогласување или за промена што повторно ќе отвори простор за активирање на старите загадувачки индустриски капацитети, стои во реакцијата на ДОМ.