Домашен притвор за родителот што натепа ученик и наставничка во Битола


Инцидентот се случил во основното училиште „Даме Груев“

 

БИТОЛА – Во домашен притвор е родителот од Битола, кој пред два дена во училница на среде настава натепа ученик и наставничка. Причината за ваквото насилство бил нетрпеливиот однос меѓу две деца, а наставничката наводно настрадала бранејќи го нападнатото дете.

Официјално, инцидентот се случи во ОУ „Даме Груев“ Битола, кога според извештајот на полицијата, двајца родители физички нападнале соученик на нивното дете и наставничка додека одржувала час. Станува збор за ученици од деветто одделение.

Од СВР Битола за  „Независен“ потврдуваат дека на „родителот Р.Л. му  е одреден домашен притвор од 8 дена, и не смее да го напушта својот дом“.

Му се заканувал со убиство, и брутално го тегнел за уши пред децата од класот додека, неговата сопруга ја држела насилно наставничката да не помага. Ова се само дел од деталите  што ги соопшти ОЈО Битола за случајот со насилството во ОУ „Даме Груев“.

„Двајцата сопружници, на 15 мај, влегле во основно училиште во Битола, при што таткото физички ја оттурнал наставничката и директно нападнал еден од учениците, соученик на нивното дете, заканувајќи му се дека ќе го убие. Го фатил детето за уво, го стапнал на ногата и го тегнел, а за тоа време неговата сопруга ја држела наставничката за да не може да му помогне и да го одбрани ученикот“,  стои во извештајот од битолското oбвинителство. 

Пред два дена во СВР Битола, родителот на натепаниот ученик  Р.М. (48) од Битола пријавил дека за време на настава во основно училиште во Битола, неговиот малолетен син бил физички нападнат од  сега притворениот Р.Л. и неговата сопруга Н.Л., родители на соученик на неговото дете.  Истиот ден и  М.Т. (44) од Битола, наставничка во истото одделение, пријавила дека за време на настава била физички нападната од двајцата родители.

Родителот се сомничи за кривично дело „насилство“, а постапката ја води ОЈО од Битола.  

Ова е прв ваков случај на подрачјето на Општина Битола во подолг период наназад, што е пријавен во полиција.

Во изминатиот период полицијата известуваше уште за неколку случаи во основни и средни училишта во Битола, каде родители пријавиле насилство врз нивните деца од сооученици, но последниот случај во ООУ „Даме Груев“ Битола, беше еклатантен пример на насилство, пред очите на присутните ученици во  класот, додека имаа час. 

Пред еден месец во Средното медицинско училиште во Битола повозрасна професорка физички нападна помлада колешка, полицијата најави пријава за насилната професорка.

Пред тоа во Клиниката болница Битола се степаа и две лекарки. Едната ја нападна другата и случајот заврши во полиција. (А.Б.)