ДОМ го прашува Минчев: Вака ли ќе ја департизираш администрацијата, со наместени огласи?


Министерот за јавна администрација, Горан Минчев

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на огласот  од Министерството за животна средина за вработување на 11 помлади инспектори во Државниот инспекторат за животна средина на определено време до 31.12.2025 година, со нереален рок за аплицирање од само три дена – до 2 август. ДОМ го оценува овој чекор како неприфатлива манипулација пред локалните избори. Со оваа брза и нетранспарентна процедура, спроведувана и за време на државен празник, сериозно се поткопува кредибилитетот на институцијата, се вели во соопштението од ДОМ.

ДОМ јавно прашува како е можно да се вработуваат и да вршат инспекциски надзори во индустријата инспектори без лиценци, кога согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за инспекциски надзор во животна средина мораат да ја поседуваат лиценцата? Не станува збор само за грешка во постапката, штетата врз институцијата е уште поголема затоа што се нанесува силен удар врз стручноста на истата.

Ова е уште едно предизборно полнење на институциите со партиска администрација. Институциите не смеат да се претворат во партиска каса, каде што местата се мерат според политичката припадност, а не според нивното знаење и компетентност.

ДОМ го прашува министерот од ЗНАМ, Горан Минчев: Вака ли ќе ја департизирате администрацијата со наместени огласи од партиски војници? Животната средина не може да ја зачуваат нестручни и необучени партиски послушници, водени од мотивот да добијат награда за својот ангажман на претстојните локални избори.

 Зелената партија ДОМ бара итно поништување на овој сомнителен оглас, целосно почитување на законските лиценци и стручни стандарди, како и спроведување на транспарентна, непристрасна постапка за вработување инспектори. Само  на тој начин можеме да ја вратиме довербата на граѓаните и да ја заштитиме природата за идните генерации.