Доларот посилен од еврото, прогнозите за европската валута не се добри
Денеска, за прв пат од 2002 година, заедничката европска валута вредеше помалку од доларот, а во споредба со истиот датум минатата година еврото загуби 20 отсто од вредноста.
Ако се погледне периодот од почетокот на оваа година, еврото падна за околу 14 отсто во однос на доларот, пишува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.
Еврото денеска вредеше 0,99 долари, продолжувајќи го падот предизвикан од стравот од рецесија во Европа и високите цени на енергентите, како и од неодлучноста на Европската централна банка да започне посериозна борба против растечката инфлација.
Работите не изгледаат добро за еврото на краток рок, велат аналитичарите. Со тоа што Федералните резерви на САД ги зголемуваат каматните стапки повеќе од Европската централна банка, повисоките каматни приходи ќе предизвикаат инвеститорите да го напуштат еврото и да почнат да се вртат кон доларот.
За да го направат тоа ќе треба да продаваат големи количини евра и да купуваат долари, што дополнително ќе ја ослаби европската валута и ќе ја зајакне американската.
ЕЦБ каска во заострувањето на монетарната политика, па првото зголемување на каматните стапки се очекува на 21 јули.
Заедничката европска валута светлото на денот го виде на 31 декември 1998 година, а индикативната цена за едно евро беше 1,17 долари. Во јануари 2000 година вредноста на еврото падна под еден долар, а за заедничката европска валута во октомври 2000 година беше рекордно ниско – 0,8230 долари. Еврото почна да зајакнува две години подоцна, кога стана единственото законско средство за плаќање во еврозоната, а таа година вредноста на валутите конечно беше изедначена.
Во јули 2008 година, светската финансиска и економска криза доведе до рекордна вредност на еврото во однос на доларот, кога едно евро чинеше 1,6038 долари. Во 2010 година вредноста на еврото падна под 1,2 долари, а во 2015 година под 1,05 долари.