Доларот нагло падна, еврото расте


Нa девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути нагло падна откако „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД, со што приносите од американските државни обврзници се зголемија. Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шест главни валути, падна за 1,9 проценти на 99,10 поени минатата недела.

Во меѓувреме, еврото порасна за 1,7 проценти на 1,1360 долари. Американската валута, исто така, ослабе во однос на јапонскиот јен за 2,1 процент, потонувајќи на 142,55 јени.

Доларот е под притисок откако „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 пред десет дена поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите трошоци за финансирање и планираните намалувања на даноците.

Јавниот долг на САД е околу 36,2 трилиони долари и би можел да се зголеми за уште 3,8 трилиони долари во следните десет години, бидејќи претседателот на САД, Доналд Трамп, планира да ги намали даноците. Ова ги зголеми приносите на американските државни обврзници, што значи дека владата мора да позајмува по повисока цена.

Намалувањето на даноците веројатно би го зголемило трошењето и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил ако не се намалат владините трошоци. Притисокот врз доларот се зголеми во петокот, кога Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи се на Европската унија со царини од 50 проценти од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од напредокот на трговските разговори меѓу САД и ЕУ.