Дојде зејтинот од Србија, се увезува и од Русија, Украина и Бугарија


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денеска се испорачани првите количини зејтин од Србија кои утре веќе треба да се најдат во маркетите.Тој уште еднаш апелира граѓаните да не се грижат и да не трупаат залихи, зашто масло, како што рече, има. Не се увезува само од Србија, туку и од Русија, Украина и Бугарија.

-Гарантираме дека има доволно количини. Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија, и на масло за јадење и на нерафинирано масло така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните залихи. Ја сфаќаме загриженоста, но максимално се работи на обезбедување доволно количини, потенцира Николовски.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот повтори и дека доколку има потреба, покрај предвидените два милиона литри, ќе се бара увоз на дополнителни количини масло за јадење од Србија.

-Постојано сме во контакт со српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската Влада тоа да го одобри. Очекуваме и тргање на забраната за нерафинирано масло, подвлече Николовски.

Според него, динамиката на увоз зависи од договорот на трговските партнери.