Договорот со Британија помина во Комисијата за надворешни работи


Фото: Б. Грданоски

 

По брза постапка предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу владите на македонија и Британија за партнерство за реализација на инфраструктурни проекти помина во собраниската Комисија за надворешна политика по што денеска се очекува да се најде на дневен ред на 52. пленарна седница. Предлог-законот беше поддржан со 10 гласа „за“ и ниту еден глас „против“.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат пет милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано. 

„Имаме можност да допреме до пет милијарди фунти што е голем придонес во однос на состојбата што ја затекнавме. Не треба да бидеме скептични, Ова ќе придонесе за економскиот развој на државата. Ова е многу голема инјекција и ветува развој. Има многу можности и ќе има контрола. Ова не се приватни зделки и лични интереси“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска. 

Опозицијата забележа дека не се работи за договор, туку за меморандум за соработка во кој се изразуваат намери на соработка. 

„Содржината е коректна од аспект на меморандум, но формата меморандум да се прикаже како договор прави преседан во одлуките што ги носи Собранието и во иднина може да предизвика вакви меморадуми да бидат претставувани како договори“, рече Димитар Ковачевски од СДСМ.