Договорите на компанијата 4iG со унгарската влада можеби ќе бидат раскинати


Владата на Петер Маѓар испитува во што сѐ е вмешана компанијата 4iG

 

Договорите што владата на Виктор Орбан ги склучи со 4iG пред изборите во Унгарија, се разгледуваат и можеби ќе бидат поништени, објави магазинот ХВГ. Еден договор е од 1.300 милијарди форинти (3,6 милијарди евра) кои државата треба да ги плати во наредните години. Меѓу другото и за користење сателитски телекомуникациски услуги од 4iG.

Бидејќи договорите се засноваат на тајни владини одлуки, министерството не може да даде детали за нивната содржина, но потврди дека договорите вклучуваат неколку министерства (вкупно пет во сегашната министерска наредба) и дека „договорите се составени на таков начин што се јасно неповолни за унгарската држава и еднострано корисни за давателот на услуги“.

Магазинот ХВГ напиша дека договорот е потпишан кон средината на март, еден месец пред изборите, од страна на компанијата на Гелерт Јасаи и министерството за одбрана под контрола на тогашниот министер Кристоф Салај-Бобровнички.

Договорот, кој веќе стапи на сила од април, од страна на министерството беше објаснет како резултат на неколкугодишна владина подготовка, но не беа објавени други детали, бидејќи договорот не е јавен. Според информациите, рамковниот договор наследен од владата на Петер Маѓар важи девет години, до 2035 година.

Сега во Унгарија е во тек голема дебата што ќе се случува со самата компанија 4iG затоа што беше во самата срж на режимот на Виктор Орбан и нејзиното работење беше испреплетено со државна корупција.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која е исклучително блиска до партијата Фидес на Орбан, многу брзо по доаѓањето на власт ја отвори постапката за избор на трет мобилен оператор и беше избрана токму 4iG. Прашањето е дали оваа одлука ќе може да опстане понатаму поради случувањата во Унгарија и неизвасната иднина на 4iG.

Унгарски „Телекс“ напиша дека покрај овој познат договор од од 1.311 милијарди форинти постои уште една гигантска зделка за одбрана од 1.500 милијарди форинти кој важи до 2030 година. Но тој договор сѐ уште не е јавно објавен од медиумите.