Доделени 33.000 ваучери за студенти
Заклучно со саботата доделени се вкупно 33.682 ваучери за студенти, секој во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и подигнале нов електронски уред.
„Имплементацијата е стабилна, а мерката создава вистински резултати“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција.
Митева нагласи дека мерката е внимателно планирана и спроведена во соработка со ресорните министерства.
„Оваа мерка не е случајна ниту пак импровизирана. Прецизно и навремено испланирнаа од страна на генералниот секретеријат на Владата во блиска соработка со Министерството за дигитализација и Министерството за образование и наука“, појасни таа.
Според Владата, целта е намалување на дигиталната нееднаквост и поттикнување на дигиталната трансформација во образованието, а мерката ќе продолжи со следење на реализацијата кај овластените трговци и подготовка на нови политики насочени кон модернизација на образовниот систем.
Во врска со прашањето за исплатата на ДДВ на граѓаните или фирмите, дали Владата има пари за тоа, односно зошто доцни исплатата, Митева соопшти дека исплатата се одвива регуларно, а за сите недостатоци или потенцијален застој ќе информираат дополнително.