Додека „Пошта“ тоне, приватните пошти заработуваат: ДХЛ лани свртел 9,7 милиони евра
Анализата на десетте најголеми компании во оваа дејност на прв поглед упатува на заклучок дека има еден лидер кој можеби би требало да се издвои како посебен предмет за анализа. „ДХЛ експрес“ има доминантно учество во пропорцијата според параметрите за остварени приходи и добивка. Имено, оваа компанија во 2020 година успеала да генерира 9,7 милиони евра приход, при што остварен е пораст од 14,75 отсто
Во едни подзаборавени времиња поштата беше институција. „Македонски пошти“ управуваше со целокупното работење и ги сервисираше сите жители и компании во Македонија. За овој субјект државата не го најде правилниот концепт за приватизација и модернизирање, и покрај грандиозниот објект како централната зграда и големиот број филијали. Додека се бара решение за овој државен загубар со кој сега раководи Јани Маркрадули, фирмата тоне во долгови, пишува порталот „Пари“ во најновата анализа.
Еве како работеше ,,Пошта” лани:
– Во 2020 во АД „Пошта“ се регистрирани 2.010 работници;
– Пошта во 2019-та остварила приход од 19,5 милиони евра. Сепак, годината ја завршила со минус на сметка од еден милион евра;
– Во 2020 година оваа државна фирма забележала помал приход од 19 милиони евра. Сепак, загубата кај профитот се зголемила, па лани АД Пошта генерирала загуба од 1,5 милион евра;
Додека ,,Пошта” тоне приватните пошти бројат добивки. Приватниот бизнис со поштата најпрво започна од карго транспорт на поголеми предмети, продолжи со интернационални нарачки, за сега да станат неизоставен дел од процесот на справување и функционирање со ковид-кризата. Тоа што ги издвои приватните пошти е брзината во доставата на пратките, високото ниво на професионализам и адекватната дигитална поддршка. Во едно такво опкружување се разви мошне голема конкуренција која ги подига стандардите за работа и води до пониски цени на услугите. Преку податоците на платформата за бонитетни податоци на БизнисМрежа.мк, тимот на „Пари“ ги анализира токму најголемите 10 од оваа категорија:
„На прв поглед заклучокот е дека има еден лидер кој можеби би требало да се издвои како посебен предмет за анализа. ДХЛ ЕКСПРЕС има доминантно учество во пропорцијата по основ на параметрите за остварени приходи и добивка. Имено, оваа компанија во 2020 година успеала да генерира 9,7 милиони евра приход, при што остварен е пораст од 14,75 отсто. Ваквите импресивни бројки не се пресликуваат во состојбата со добивките иако и тука ДХЛ ЕКСПРЕС има најголема добивка. Како за споредба, ИН ТИМЕ МК БПС има 61 илјада евра помала добивка, но таа е остварена со приходи од нешто над 580 илјади евра. За големината на ДХЛ ЕКСПРЕС говори и податокот што сите останати 9 компании оствариле вкупни приходи во износ од 7,5 милиони евра, што е за 2,2 милиони евра помалку од приходите на ДХЛ ЕКСПРЕС“, пишува во анализата.
Кризата ја доведе компанијата ДЕЛ ЦО, пак, до самиот раб на опстанок, наведува порталот „Пари“. Компанијата бележи „слободен пад” на приходите, кои во 2020 година се намалиле за неверојатни 60 отсто, но уште посимптоматичен е апсолутниот пад од 2,5 милиони евра. Ваквите бројки се во корелација и со остварувањата на добивката.
Целата анализа може да ја прочитате ТУКА.