Додека партиите лицитираат: Вилма Русковска напишана и во предлог законот


Фото: Б. Грданоски

Откако Обвинителството за гонење на организиран и криминал и корупција и сегашното Специјално јавно обвинителство се спојат во една институција, Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, тие заедно  ќе го гонат криминалот на „белите јаки“. Обвинителите од организиран криминал и од СЈО ќе го спојат знаењето и ресурсите, но се уште не е одредено кај ќе бидат сместени – дали во старата зграда на Обвинителството на Вилма Русковска  во рамките на Апелацискиот суд или,пак, Русковска со своите обвинители ќе се смести во новата зграда на СЈО на „Рузвлетова“. Новиот закон за јавно обвинителство што го предложи Владата е јавно објавен на веб страницата на Министерството за правда. Иако се уредени сите аспекти на новото реформирано СЈО, откако беше објавен стана мета на политички пресметки и различни толкувања.

Премиерот Зоран Заев првично ја промовираше Русковска за шеф на новото СЈО, но откако опозицијата го нападна, Заев ретерираше и рече дека изборот ќе го прави Советот на јавни обвинители и таму ќе конкурираат сите што сакаат да застанат на чело на реформираното СЈО. Сепак, во една од преодните и завршни одредби на новиот предлог-закон пишува дека Вилма Русковска ќе го води новото Обвинителство чија мета треба да бидат високите функционери.

„Со денот на отпочнување на примената на овој закон, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избран“, пишува во одредбата.

Иако партиите лицитираат со челната позиција на новото Обвинителство, сепак оваа одредба значи дека Русковска останува на шефовското место се додека не и истече мандатот, односно уште неколку години. Откако ќе и истече мандатот на Русковска, ќе следува конкурс на кој ќе може да се пријават обвинителите кои ќе сакаат да ја заменат. Дури тогаш изборот на шефот на новото Обвинителство ќе го врши Советот на јавни обвинители.

Дел од обвинителите во неофицијални разговори коментираат дека не може раководителот на новото обвинителство да биде инкорпориран во закон, туку изборот треба да го врши Советот на јавни обвинители, каде ќе може да се кандидираат сите обвинители кои сакаат да бидат на раководното место.

Новиот закон на Владата предвидува сите обвинители од СЈО да преминат во новото обвинителство и таму да бидат се додека не им заврши мандатот за околу една година. Сегашната шефица во оставка, Катица Јанева пак ќе биде преместена во републичкото јавно обвинителство.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери викендов ја закажа седницата за новиот предлог закон за јавно обвинителство. Овој предлог од кој зависи почетокот на преговорите на земјава со Европската унија, ќе се најде пред пратениците на 27 август, односно откако ќе се вратат од годишни одмори. Предлог законот кој е објавен на веб страницата на Собрание е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. Оваа верзија на законот, засега не е конечна и секоја одредба може да биде сменета по амандманската расправа, па и преодната одредба која ја става Русковска на челната позиција. Сепак извесно е дека донесувањето на овој закон ќе биде релативно брзо и нема да има јавна расправа. Ќе се утврди потребата за донесување на законот и тој ќе биде пратен на расправа во комисиите, а потоа на пленарна седница.

ВМРО-ДПМНЕ, иако пред неколку дена најави дека и тие изготвиле предлог закон за јавното обвинителство, се уште го немаат објавено официјално. Велат дека имаат технички работи што треба да се довршат и потоа најверојатно ќе го достават до Собранието. Сепак, за да помине нивниот предлог потребно е двотретинско мнозинство кое тешко дека ќе го обезбедат. Од она што го соопшти лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, тие бараат обвинителите на СЈО по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства, а предметите на СЈО да ги преземе државниот јавен обвинител и да ги прераспредели онаму каде што припаѓаат.

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески решението на ВМРО-ДПМНЕ го нарече нерационално.Смета дека, и во таква ситуација, според надлежноста, најголем дел од предметите би припаднале токму во новото специјализирано одделение за гонење висока на сите случаи на СЈО во други обвинителства ќе одземе многу време, затоа што на новите обвинители ќе им бидат потребни месеци за да ги проучат предметите.

Премиерот Заев излезе со новото решение за СЈО по отворањето на истрагата „Рекет“ која ја искомпромитира и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Таа засега не е осомничена, а во притвор за земање на рекет е менаџерот на 1 ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец. Двата телефона на Јанева се вештачат, но други податоци од истрагата нема. Во исто време кога беше објавена истрагата за „Рекет“, Јанева си поднесе оставка и една недела не се појавуваше во јавноста, за пота да излезе пред новинарите и да каже дека била злоупотребена.

Минатата недела во посета на земјава дојде еврокомесарот Јоханес Хан, кој порача дека Специјалното јавно обвинителство треба да опстои и покрај скандалот со случајот „Рекет“. Неколку дена по него, дојде помошникот државен секретар на САД Филип Рикер  кој на опозицијата директно и порача дека времето за политички игри заврши. Рикер беше дециден дека никој не треба да биде амнестиран поради изминати рокови.

Обвинителите од СЈО ќе ги заборават високите плати?

Апелите и поплаките на обвинителите од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција дека немаат основни средства за работа и земаат пониски плати од обвинителите во СЈО, со новиот предлог закон најверојатно ќе стивнат.

Сите истражители и средства со кои располага сегашното Специјално обвинителство ќе се слеат во новото обвинителство. Според предлог законот, платата на јавните обвинители во новото обвиниотелство се определува во висина на плата на јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, односно платите на обвинителите од Обвинителството за гонење на организиран криминал ќе пораснат, а платите на обвинителите на СЈО најверојатно ќе се намалат. Официјално досега платите на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство не се откриваа, но според неофицијалните информации, се движат и до 2.000 евра.

Сегашната шефица, Вилма Русковска вели дека ако таа остане шеф на новото обвинителство, обвинителите од СЈО нема да може да се надеваат дека ќе земаат толку високи плати како претходно. Колку пари за работа и плати ќе му бидат потребни на новото обвинителство, според предлог законот, ќе одредува шефот на обвинителството.

Владата и Собранието не можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да ја обезбедат финансиски средства за непречена работа. Исто така, ова обвинителство може да поднесе и дополнителни барања за финансирање за зголемени активности на работа.

Републичкиот јавен овинител, без согласност од Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на криминал и висока корупција, не може да преземе кривично гонење или вршење одредени работи за кои е надлежно ова обвинителство, ниту пак да овласти друго Јавно обвинителство да води постапки за предмети за кои е надлежно ова Јавно обвинителство. Колку обвинители ќе има ова обвинителство зависи од шефот, кој дава предлог бројка во зависност од потребите, сложеноста и обемот на работа. Крајната одлука за ова ја донесува Советот на Јавните обвинители.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски