Додека Мицкоски е забрикадиран во палатата, се засилуваат повиците за промени


По Никола Попоски и Даниела Рангелова вчера, денеска Никола Тодоров и Сашо Мијалков повикаа на промени во ВМРО-ДПМНЕ

 

Промените во статутот не се поважни од изборниот пораз.

Тоа е одговорот на критичарите на сегашново раководство на ВМРО-ДПМНЕ на неговиот обид да ја пренасочи расправата од изборниот пораз. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се обиде промените во партискиот статут да ги постави на врвот на агендата по колапсот на изборите, но тоа траеше само една ноќ, зашто денеска двајца видни поранешни членови излегоа со остри критики за партискиот курс кој оддалечи многу граѓани на изборите.

Избрканите од партијата, Сашо Мијалков и Никола Тодоров, во посебни настапи побараа итни промени во ВМРО-ДПМНЕ за таа да не остане заглавена во исклучивоста и надвор од европскиот пат на Македонија. Нивните оценки се надоврзаа на вчерашните остри критики на двајца досегашни пратеници, Никола Попоски и Даниела Рангелова, кои отворено порачаа дека Христијан Мицкоски треба да понесе одговорност за трите изборни порази по ред и да ја препушти партијата на луѓе кои ќе знаат да ги обединат разочараните членови.

Сашо Мијалков е особено остар. Во интервју објавено во „Плусинфо“ тој вели дека „Христијан Мицкоски и највисокото раководство околу себе става стаклено ѕвоно и ја игнорира реалноста“ за тврдењата дека ВМРО-ДПМНЕ освоило два пратеника повеќе од СДСМ, ако се исклучат пратениците на Беса. Тој вели дека „добар дел и од блиските на Мицкоски не веруваат во оваа лажна слика, но се плашат да кажат дека со политиките кои ги водеа и со неискрениот пристап, не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните“. Според него, партијата пропуштила „златна шанса Заев да биде соборен на избори со вакво владеење во изминатите три години. За жал, јавноста не виде алтернатива во сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Како и може да види кога по ниту едно важно прашање раководството немаше заземено став?“

Тој вели дека раководството на партијата наместо обединување форсирало конфликти и дистанцирало луѓе.

„Со таква политика беше јасно дека нема да стигнеме далеку. Лажните анкети може да ги покријат лажните вести само до денот на гласањето. После граѓаните ја испорачуваат сметката“. Мијалков тврди дека шефот на изборниот штаб (кој по промената на Игор Јанушев го водеше самиот Мицкоски) не свикувал состаноци и луѓето кои работеле на терен останувале без инструкции. „Не може кампањата да се води со реторика како во 90-тите години и спотови кои повеќе служеа за потсмев отколку што ги мотивираа граѓаните. Некој ја одобрил таа реторика и тие спотови, а видовме со колкава излезност резултираа“.

Според Мијалков, поддршката што партијата ѝ ја дала на Левица била мечкина услуга за ВМРО-ДПМНЕ. „Левица е анти НАТО и анти ЕУ, спротивно од тоа како би требало да биде ориентирана ВМРО-ДПМНЕ. Намалената излезност беше на директна штета на ВМРО-ДПМНЕ, а воздигнувањето на Левица, на долг рок, повторно ќе направи поголема штета на ВМРО-ДПМНЕ отколку на СДСМ“, вели во интервјуто Сашо Мијалков.

Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, е малку поумерен иако и неговите пораки се со истиот тон. Во колумна за „Дојче веле“ тој ја критикува изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

„Искуството во политиката ми покажало дека негативната кампања не води кон победа. Води кон одвраќање на гласачите да гласаат, води кон апатија и разочараност. На избори се победува со генерално позитивен наратив, визија, проекти и потсетување за реализираните проекти. Точно е дека секогаш имало и ќе има негативна кампања, но таа никако не смее да доминира“, порачува тој.

Тодоров едноставно вели – „Изгубивме“. И додава: „Што порано го прифатиме овој факт, тоа подобро и за ВМРО-ДПМНЕ и за државата. Причините може и треба да ги анализираме, објективно и трезвено, но она што мораме да го направиме е да не дозволиме да се подели ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа никому од нас нема да му одговара. Тоа можеби ќе му оди во прилог на СДСМ… Поделени и раскарани ќе губиме повторно, и повторно. Тоа е рецептот за неуспех и тоа долго време ќе ја држи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а СДСМ ќе победува… Морам да констатирам дека ако имаше подобра понуда и ако гласачите ја сметаа ВМРО-ДПМНЕ за добра алтернатива, денес ќе славевме победа, прва после неколку изборни порази во низа. Тоа е реалноста… Ова не е напад на ВМРО-ДПМНЕ, напротив, ова е обид за спас. Капсулирањето на ВМРО-ДПМНЕ само ќе придонесе за нов пораз“.

Никола Тодоров го опишува образецот според кој треба да се реформира партијата: „Потребно ни е обединување. Ни треба силна, прогресивна, европска, централно- десна народна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост. Поставена на модерни постулати на умерен патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам и популизам“.

Овие пораки сигурно стигнуваат до првите вмровски ешалони, но прашање е колку тие ќе сакаат да ги слушнат. По вчерашната колумна на Никола Попоски, во која тој повика дека треба „веднаш да најавиме дека недвосмислено со оглед на исходот, остануваме во опозиција, ќе биде побезболно за членството, отколку да создаваме нереални надежи за да потоа ги разочараме дополнително по кој знае кој пат“, следуваа напади од повеќе страни преку социјалните мрежи.

Еден од најжестоките беше на адвокатот Тони Менкиноски, кој беше дел од работните групи кои преговараа за новиот закон за јавно обвинителство. Тој на Фејсбук опиша наводен разговор меѓу Никола Груевски и Никола Попоски од зимата 2017 година, кога тогашниот министер за надворешни работи не сакал да излезе да протестира.

„Одамна чекав да дојде прилика ова да го кажам, еве приликата дојде денес.

Еден од ножињата, еден од предавниците, еден од минатото.

Да не се повториш… а веруј, и нема да се повториш.

Твоето во ВМРО-ДПМНЕ заврши“.

Бурата штотуку почна да се крева во ВМРО-ДПМНЕ. Како ќе заврши таа за Христијан Мицкоски допрва ќе видиме. Но симптоматично беше што вчера по седницата на Централниот комитет неговите две одлуки – Мицкоски да биде поддржан во обидот да состави влада и промени во статутот – ги образложуваше човек од пониските ешалони, Панче Тошковски. Иако тој е претседател на Статутарната комисија, сепак не е дел од врвното раководство на партијата. Тоа избра да остане во белата палата. (Н.В.)