Додека јавните претпријатија колабираат, ВМРО-ДПМНЕ ќе дели социјална помош со пари на Град Скопје


Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ  во Град Скопје ќе дели социјална и економска помош на „најпогодените лица во македонското општество“  додека јавните претпријатија во градот не можат да поделат плати и колабираат едно по едно. Според она што се пофалија од самата партија, испаѓа дека во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека водат држава, па влезени во тој филм решаваат социјални и економски проблеми на деца без родители и други лица од социјален ризик иако за тоа постои Министерство за труд и социјала. Со амандман во буџетот ги вклучија  и фудбалерите на ФК „Вардар“, банкротиран спортски клуб што го презедоа и го водеа додека беа на власт со Сергеј Самсоненко, па сега од градски пари ќе му ја полнат касата.  Очигледно, со намера да прават пародија од Град Скопје и да ја блокираат градоначалничката Данела Арсовска, а можеби и да предизвикаат поширока криза бидејќи најголем број од жителите во Македонија живеат во Скопје, за ваквиот апсурден буџет се пофалија со соопштение. 

„Со амандманите кои беа усвоени се предвидува социјална заштита во време на криза за што се обезбедија 15 милиони денари помош во кризно време за најпогодените лица во македонското општество. Тоа се децата без родители, лицата во социјален ризик и општествен ризик, кои што ќе се соочат најостро со кризата која што од енергетска прераснува во финансиска и економска.

Потоа се обезбедија и средства за Црвениот крст. Се успеа да се обезбеди изградба на улици во општина Чаир како што е и улицата Максут Садик, и улицата Фрањо Клуз во општина Аеродром. Беше изгласано повеќе пари за ФК Вардар и нормализација на работата на Универзалната сала.

Жалосно е што Арсовска беше против својот ребаланс, а СДС гласаше против сите овие проекти. Тие продолжуваат да ја докажуваат својата коалиција која е против Скопје и скопјани. Очигледно криминалните интереси им се пред тие на градот Скопје“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ преставувајќи се како партија што го спасува градот од наводно неспособната градоначалничка што тие ја избраа и ја донесоа на власт, па кога им излезе од контрола, почнаа да се изживуваат со претпријатијата во градот

По ваквото трагикомично соопштение станува јасно дека некој во оваа партија пресметал дека хаосот што не успеаја да го предзвикаат преку Собранието на Македонија  полесно ќе го остварат на ова ниво.