Доцни како автобус на ЈСП

Данела Арсовска четврти пат му предлата на Советот на Скопје да одобри кредит од 10 милиони евра за нови автобуси. И четврти пат е одбиена. Во исто време, не сака да го почне проектот за БРТ системот за јавен превоз, за кој веќе има 70 милиони евра кредит од ЕБОР. Зошто? Никој не знае


По четврти пат советниците од Град Скопје не го поддржаа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за кредит од 10 милиони евра, со кои би се набавиле нови екоавтобуси. Арсовска вели дека не се откажува и истиот предлог ќе го достави и на следната седница.

Советниците прашуваа што стана со проектот БРТ, кој претходниот градоначалник Петре Шилегов го протежираше и за кој се обезбедени 70 милиони евра од ЕБОР. Ги интересираше зошто тие 70 милиони евра стојат неупотребени, а треба да кренат рака за задолжување од уште десет милиони евра. Никој од советниците не е против да се обновува возниот парк на ЈСП, но бараа детали за условите под кои би се зел кредитот, за карактеристиките на автобусите кои би се набавиле, за возниот ред кој не е ажуриран со години, за состојбата на постоечките возила…

Не се знае зошто градоначалничката мисли дека на некоја следна седница ќе ги одоброволи советниците да го поддржат нејзиниот предлог со истите објаснувања. Таа на последните четири седници излегува со исти аргументи, дека сите требало да мислат на граѓаните, односо жителите на главниот град и дека тие заслужуваат пристоен јавен градски превоз.
Со оваа констатација секој здраворазумен се сложува. Но, што направи досега градоначалничката за да покаже дека таа, која е на чело на Градот веќе година и половина, најмногу се грижи и делува за тоа и да го оствари.

Во ек на учебната година, доцна есен, за прв пат во историјата на градскиот превоз, во Скопје штрајкуваа и не возеа автобусите на јавното градско претпријатие. Потоа престанаа да возат приватните превозници, кои пак обезбедуваа 200 какви-такви автобуси, на десетина линии. По неколку месеци, заобиколувајќи ги претпријатијата кои оперираа со приватните превозници, Арсовска на последниот конкурс ги придоби да се пријават сите. Но, и тој конкурс беше поништен, поради непотполна документација, па место од почетокот на април на улиците да се вратат приватните автобуси, скопјани продолжуваат мака да мачат за да стигнат навреме до некоја дестинација.

Па, ќе се погоди и многу врнежлив ден како во средата. Почнува метежот. Автобуси нема ни на половина час, а не пак на десетина минути. Кога ќе дојдат, преполни се. Сообраќајот е закочен, па се доцни по половина час најмалку, секаде.

Со носталгија ќе треба да се потсетуваме на ветувањата на Шилегов дека со БРТ системот, автобуси ќе има на секои две до три минути, дека ќе има вкрстувачки точки да се преседне во друг автобус кој би ве однесол до населбите каде тој систем не поминува, ќе има посебен систем за наплаќање, поедноставен од сегашниот…

Арсовска е децидна дека никогаш не рекла оти се откажала од БРТ системот. За време на кампањата најавуваше целосно бесплатен градски превоз, но по нејзин образец. За БРТ вели дека се ревидира планот затоа штои имал многу недостатоци, што за трасата, што за неговата имплементација. Во меѓувреме, на парите од ЕБОР (70 милиони евра) годишно се плаќаат пенали од 350.000 евра. Арсовска во февруари годинава рече дека се на почеток на проектот, забрзано работат, но на крај на април освен предлог за кредит од 10 милиони евра пред градскиот совет, ништо друго не видовме дека се прави за подобрување на градскиот превоз.

Да не стане БРТ системот, со сите доблести и маани, вечно актуелна тема во Скопје, како трамвајот?

Не мора ни да се нарекува БРТ, ако тоа ја асоцира сегашната градоначалничка на нејзиниот претходник… Не мора да има име, само нека има автобуси – редовни, чисти, еколошки, брзи, навремени… Многу ли бараме?