До сега реализирани 60 отсто од приходите во Буџетот планирани за годинава


Фото: Б. Грданоски

Имаме добра реализација на планот за годинава кај Буџетот по сите основи и имаме поголема реализација за периодот јануари – август во споредба со минатата година, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Нагласи дека реализацијата на вкупните приходи во Буџетот за 2023 година досега е 60,04 отсто, кај данокот на личен доход е 61,7 отсто, кај данок на добивка 81,3 отсто, кај ДДВ 51,5 отсто, кај акцизи 58,4 отсто, кај неданочни приходи 54,4 отсто и кај придонеси 65,4 отсто.     

-Во периодот од 1 јануари до 18 август годинава ДДВ-то за 4,8 отсто на нето основа е повисоко, односно натфрлено во однос на истиот период од 2022 година. Вкупните приходи во однос на 2022 година се повисоки за 12,5 отсто, кај данокот на личен доход се повисоки за 15,2 отсто, кај данокот на добивка се повисоки за 6,7 отсто, 4,8 отсто кај ДДВ, кај акцизите се повисоки за 5,9 отсто, кај увозните давачки 9,9 отсто, кај другите даночни приходи се повисоки за 4,1 отсто, а кај придонесите за 19,3 отсто, прецизира Бесими во одговор на прашање по потпишувањето на договорите за заемот од 100 милиони евра од ЕБОР за ЕСМ и додаде дека има повисока реализација кај сите позиции во однос на минатата година.

Во однос на листата на производи за кои ќе се менува ДДВ-то истакна дека уште на 9 јануари е испратена до стопанските комори и додаде дека веќе е достапна на веб-страницата на Министерството за финансии.

-Ние ја праќаме листата до стопанските комори, а тие ја споделуваат со компаниите членки. Листата навремено беше споделена со стопанските комори уште кога првиот пат беа пратени законите во Собрание, а веќе е објавена и на веб-страницата на Министерството за финансии каде секој има пристап. Се чека да се изгласа законот и потоа да се донесе одлука на Влада, рече Бесими.