До ноември 2028 година енергетски ефикасни треба да бидат 14 јавни згради и 33 институции

До ноември 2028 година енергетски ефикасни треба да бидат 14 јавни згради и 33 институции. Реконструкцијата ќе опфати вкупно 102 992 метри квадратни, а ќе чини 11,11 милиони евра. Ова го предвидува владиниот план што се очекува да биде усвоен најдоцна идната недела, рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска.
На брифинг со новинарите Божиновска информираше дека ова произлегува од Законот за енергетска ефикасност и значи усогласување со ЕУ директивите.
-Од ноември 2025 до ноември 2028 ќе бидат опфатени 14 згради и 33 институции или вкупно 102 992 метри квадратни со над 5 000 вработени, а вредноста ќе изнесува 11,11 милиони евра. Секоја година мора да имаме три отсто реконструкција на јавните згаради. Вчера имавме генерален секретаријат на Влада, тоа помина. Се надевам наскоро ќе биде и на владина седница. Очекувам планот да се усвои на Влада до следната недела, следниот вторник. Предвидено е точно за кои јавни згради се работи и како, кога, колку треба да се енергетски ефикасни, потенцира министерката.
Божиновска потсети дека и во Македонија треба да се воведе ознаката на становите како во другите земји, која го покажува степенот на енергетска ефикаснот: А, Б, Ц, Д, Е. За ова, рече, Агенцијата за катастар ќе треба да го измени софтверот.