Арсовска нема да може да биде отповикана, иако новиот закон ќе се донесе до лето

До 30 март да се креираат предлог-измените за законот за локална самоуправа, што ќе го отвори патот градоначалник да може да биде отповика пред крајот на мандатот, а до летото и да се донесат тие измени во Собрание, со цел новите градоначалници кои треба да седнат во фотелјите од октомври, да рабтат според новиот закон за локална самоуправа.
Вакви се плановите на министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој денеска ја одржува четвртата дебата во Скопје по овие планирани измени. Претходно вакви јавни депати имаше во Штип, Битола и во Гостивар.
– Јас сум убеден дека веќе сме спремни да прејдеме во следната фаза, а тоа е креирање на предлог-измените на законот за локална самоуправа и веднаш потоа да ги доставиме во парламентот на дополнителни консултации на сите парламентарни политички партии за да влеземе во фазата на валидизација, т.е. на усвојување на предлог-измените на законот за локална самоуправа. Јас сум убеден дека преку еден ваков транспарентен и отворен, инклузивен начин ќе дојдеме до едно многу подобро решение од ова коешто во мементот го имаме – рече Перински.
Прашан дали законот ќе може да се донесе пред локалните избори кои треба да се држат наесен, со оглед на препораките на ОБСЕ во предизборен период да не се носат системски закони, Перински рече дека се надева дека новиот закон ќе биде донесен до летото.
– Ние планираме со предлог-измените да завршиме до 30 март и веднаш потоа да влезат во собраниска процедура. Навистина станува збор за едно системско решение, системски закон, за којшто беше неопходно широка јавна дебата, за да ги слушнеме сите чинители. Некои сметаа дека многу се четири јавни дебати, ние инсистиравме да има четири, за да може сите страни да ги слушнеме и да ги опфатиме. По 30 март законот ќе биде оперативен, во насока на предлог-измените да се валдизираат од релевантните институции, така што очекувам до летото да се заврши целиот процес. И нам ни е битно новите градоначалници да бидат избрани согласно новиот закон за локална самоуправа – додаде Перински.
Тој појасни дека без разлика што новиот закон би се донесол до лето, невозможно е тој да важи ретроградно, што значи ниту еден од актуелните градоначалници не би можел да биде отповикан.
Иако, најголемата причина за носење вакви измени беа поттикнати од незадоволзството на граѓаните од работата на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, сепак нејзината функција е загарантирана барем до октомври, кога треба да се одржат редовните локални избори.
Од неколкуте јавни дебати произлегува можноста што би ја дал новиот закон за рефенрендумски отповик на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носење одлуки на локално ниво.