До крајот на 2025 година Пинтија го добива најголемиот ритејл парк – уште еден во Скопје?


Скопје го добива најголемиот ритејл парк, во Кисела Вода, најави денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а од фотографиите може да се види дека објектите се во фаза на карабина.
 
– Изградбата на Home Retail Park, најголем и прв трговски парк од ваков вид во Македонија, претставува значаен економски импулс за нашата општина – вели Ѓорѓиевски.
 
Оваа капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на „Стаклара“, ќе биде на површина од 35.000 м², а проектот е вреден 15 милиони евра.
 
Тој ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија, со што, како што сметаат од општината, ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град.

 
Home Retail Park ќе биде единствена локација каде што граѓаните ќе можат да најдат сè што им е потребно за својот дом – од мебел, домашни апарати и декорации, до градинарска и бањска опрема.
 
Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и 600 паркинг места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг искуство.
 
Ова место ќе стане новиот центар за паметно купување, место каде семејствата ќе можат да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија, каде Кисела Вода добива уште една значајна стопанска и урбана придобивка, а отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година.