До крајот на 2024 година, сите телефони во ЕУ ќе мора да имаат универзален USB C полнач
Од 2024 година сите мобилни телефони, таблети и камери ќе мора да имаат ист полнач. Слотот познат и како USB-C станува стандард во ЕУ и секој ќе мора да се приспособи на него.
На оваа голема промена, која наскоро стапува на сила, потсети и Европската комисија со објава на Фејсбук.
„Чекањето конечно заврши. Од 2024 година, USB-C ќе биде единствен стандард за сите електронски уреди во ЕУ. Од 2024 година повеќе нема да слушаме: ‘Извини, го немам тој кабел’“, соопштија од Европската комисија, додавајќи дека ефектите се веќе видливи.
Тие понатаму објаснуваат дека тоа значи дека сите телефони, таблети и фотоапарати ќе го делат истиот полнач, што ќе резултира со поусогласена технологија за брзо полнење и намалување на е-отпадот.
Благодарение на новите правила, на потрошувачите повеќе нема да им треба нов полнач за секој нов уред, бидејќи ќе можат да користат еден универзален полнач за цела палета на мали и средни електронски уреди.
Но, треба да се нагласи дека оваа промена не стапува на сила веднаш од 1 јануари во новата година, туку ќе има одреден период на приспособување. Универзалниот полнач треба да почне задолжително да се користи на крајот на 2024 година за сите мобилни телефони, таблети и други електронски уреди опфатени со ревизијата, а од 2026 година ќе се користи единствен полнач и за лаптопи.