До кога Македонија ќе биде само посматрач во палестинската трагедија?

Македонија останува една од ретките земји без никакви политички или дипломатски односи со Палестина, која сега веќе е признаена од 146 земји


Ранета Палестинка ја држи раката на еден нејзин загинат роднина во Газа (Фото: АП)

Колку земји имаат дипломатски односи со Палестина?

Палестина има статус на  земја не-членка (посматрач) во Обединетите нации од ноември 2012 година, иако државноста ја прогласи во далечната 1988 година. Додека неа не ја признаваат 47 земји членки на ОН, голем е бројот и на тие што не го признаваат Израел – 28 земји, главно арапски и муслимански. Египет беше првата арапска држава која дипломатски го призна Израел во 1979 година со потпишувањето на Израелско-египетскиот мировен договор, а по него следеше  ордан во 1994 година и уште четири арапски држави (ОАЕ, Бахреин, Мароко и Судан) во 2020 година. 

Норвешка, Шпанија и Ирска, со најавата дека ќе ја признаат државата Палестина, ја нарушија долгогодишната позиција на западните сили дека палестинската држава може да дојде само како дел од преговарачкиот процес со Израел и како дел од сеопфатен договор. Поради тоа во април САД пак го искористија ветото во Советот за безбедност на ОН за да спречат Палестина  да стане полноправна земја-членка на ОН, а деновиве одлуката на Хашкиот суд за воени злосторства да издаде налог за апсење на израелскиот премиер и министерот за одбрана го нарекоа „срамота“.

Како се остваруваше на потрагата на Палестинците за државност?

1988: На 15 ноември 1988 година, за време на првата палестинска интифада или востание, палестинскиот лидер Јасер Арафат еднострано прогласи независна палестинска држава со Ерусалим како главен град. Тој го објави ова во Алжир, на состанокот на Палестинскиот национален совет во егзил, кој го усвои решението за две држави како цел, при што независните израелски и палестински држави постојат рамо до рамо. Неколку минути подоцна, Алжир стана првата земја што официјално ја призна независната палестинска држава.

За неколку недели, десетици други земји, вклучително и голем дел од арапскиот свет, Индија, Турција, поголемиот дел од Африка и неколку земји од централна и источна Европа го следеа примерот. Следниот бран на признавања дојде кон крајот на 2010 година и почетокот на 2011 година, во време на криза во мировниот процес на Блискиот Исток. Голем број јужноамерикански земји, вклучувајќи ги Аргентина, Бразил и Чиле, одговорија на повиците на Палестинците да ги поддржат нивните барања за државност. Ова дојде како одговор на одлуката на Израел да ја прекине привремената забрана за градење еврејски населби на окупираниот Западен Брег.

2011-2012: Признавање од ОН: Во 2011 година, кога мировните преговори беа во мирување, Палестинците решија да продолжат со кампањата за полноправно членство во ОН за држава Палестина. Потрагата пропадна, но, во револуционерен потег на 31 октомври истата година,  УНЕСКО гласаше за прифаќање на Палестина како полноправна членка. Одлуката предизвика бурна реакција од Израел и САД кои го суспендираа нивното финансирање на телото со седиште во Париз. Тие целосно се откажаа од УНЕСКО во 2018 година, иако САД повторно се приклучија минатата година.

Во ноември 2012 година, палестинското знаме за прв пат беше подигнато во Обединетите нации во Њујорк, откако Генералното собрание со големо мнозинство гласаше за надградба на статусот на Палестинците во „држава набљудувач не-членка“. Три години подоцна, Меѓународниот кривичен суд ја прифати и Палестина како држава-страна.

2014: Шведска беше првата држава од Западна Европа што ја призна палестинската држава. Таа има голема палестинска заедница, а потегот уследи по неколкумесечни речиси секојдневни судири во источен Ерусалим, анектиран од Израел. Државата Палестина претходно ја признаа уште шест европски земји – Бугарија, Кипар, Чешка, Унгарија, Полска и Романија. Израел реагираше луто на потегот на Стокхолм, а тогашниот министер за надворешни работи Авигдор Либерман им рече на Швеѓаните дека „односите на Блискиот Исток се многу посложени од самосклопувачкиот мебел на ‘Икеа’“.

2024: Немилосрдната офанзива на Израел во Газа, во која загинаа најмалку 35.647 луѓе, според Министерството за здравство на територијата, управувано од Хамас, како одмазда за убиството на повеќе од 1.170 луѓе во Израел од страна на Хамас, ја оживеа поддршката во Европа за палестинската државност. Норвешка, Шпанија и Ирска рекоа дека ќе ја признаат палестинската држава до 28 мај, пркосејќи им на заканите од Израел, кој ги отповика своите амбасадори од Ирска и Норвешка на консултации. Малта и Словенија во март, исто така, изразија „подготвеност да ја признаат Палестина“ кога „околностите се соодветни“. Австралија неодамна исто така ја покрена можноста за еднострано одобрување на палестинската државност.  Претседателот Емануел Макрон, исто така, рече дека прашањето за признавање на палестинска држава без договор за мир повеќе не е „табу за Франција“. 

И додека повеќето земји во недостиг на конечно решение влечат некакви потези за да го компензираат непризнавањето на државата, Македонија останува тврдо закопана на досегашната позиција и  без никакви политички или дипломатски односи со Палестина. Од она што може да се види, некои земји што не ја признаваат државноста сепак имаат отворено дипломатски преставништва, некои имаат најави дека ќе ја признаат, а некои усвојуваат резолуции во парламентите место да донесат одлука на владите праќајќи сигнал за државноста (Португалија, на пример). Јапонија, пак, ги прифати палестинските пасоши и палестинската националност  и порача дека нема да признае никаков чин што ќе ја загрози палестинската држава со границите од пред 1967 година, ниту пак анексијата на Источен Ерусалим од Израел. Додека Германија како и САД  инсистира на взаемно признавање на Израел и Палестина, Австрија му додели целосен дипломатски статус на претставништвото на ПЛО во Виена уште на 13 декември 1978 година. (С.Ј.)