До детаљ замаглено: Колку е богат Христијан Мицкоски?

Во анкетниот лист на Мицкоски има само неколку детали за куќата и за скапите часовници. Но нема за примањата што ги имал кога работел во енергетиката


Премиерот Христијан Мицкоски во Собранието на 27 ноември (Фото: Б. Грданоски)

 

Информацијата на компанијата IFL Watches за вредноста на часовниците на 20 лидери на НАТО (што прв ја објави порталот „Рацин“) повторно на дневен ред го постави прашањето за тоа колку е богат премиерот Христијан Мицкоски, каков имот има, кога го заработил и како.

IFL Watches вели дека Мицкоски има часовник IWC вреден 6.900 долари. И дека е меѓу поскапите кај лидерите на НАТО. Најевтин има норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе – „Своч“ вреден 84 долари.

Темата за часовниците на Мицкоски е одамна присутна во јавноста. Тој самиот сака да зборува за нив како за особен детаљ на неговата личност. Во едно телевизиско интервју на прашањето за скапиот часовник што го носеше рече дека тој му бил особено драг затоа што бил подарок од неговата сопруга, која е професорка по македонски јазик во скопската гимназија „Орце Николов“.

Македонските политичари ги кријат податоците за нивното богатство како да се тајна од која зависи опстанокот на државата. Не е само оваа генерација политичари. Заклетвата за молчење владее децении наназад.

Па, колку е богат Христијан Мицкоски, ако може да носи толку скапи часовници? И ако, забележливо, во последнава година-две исклучително скапо се облекува.

На една од седниците на Собранието за пратенички прашања, сакајќи да докаже колку е тој лојален граѓанин на Македонија и нејзините институции, рече дека имал платено 500.000 евра персонален данок на своите приходи. Персоналниот данок е 10 отсто, што значи дека само според ова признание Мицкоски има заработено 5 милиони евра. Овие може да ги наречеме „официјални“, според неговата сопствена изјава во Собранието.

Во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ како одговор на она на СДСМ за скапите часовници на Мицкоски се наведува дека „не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, каде што има соработувано со познати светски фирми и има добро заработено.

Тоа е сѐ до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со каков било вид на бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, сѐ е чесно, транспарентно и до детаљ објаснето за неговите примања што ги имал“.

Да видиме како е тоа до детаљ се објаснети неговите примања. Најдобриот водич би требало да биде анкетниот лист на Антикорупциската комисија.

Според податоците од 27 април 2024 веднаш по изборите, Христијан Мицкоски, тогаш уште како пратеник, ја пријавил оваа имотна состојба:

Има куќа во скопската населба Влае со површина од 343 квадратни метри чија вредност е 437.000 евра. Ја купил во 2014 година. Имал кредит од 406.000 денари. Таму се наведени рачни часовници: едниот чини 13.400 евра, а вториот е драматично поскап – дуру 39.000 евра. Првиот е набавен 2015, а вториот 2016 година. Во 2016 и 2017 Мицкоски беше директор на ЕЛЕМ. Во имотната влошка има запишано и една уметничка слика вредна 10.000 евра. Нема автомобил.

Компанијата IFL Watches вели дека часовникот IWC на Мицкоски вреди 6.900 долари, во евра – 5.800. Тоа значи дека Мицкоски во анкетниот лист навел дека еден од часовници вреди многу повеќе отколку што е неговата цена на пазарот. Или пак се работи за трет, исто така, скап часовник. 

Тоа се тие „детали“ што се јавно достапни за имотот што го има Христијан Мицкоски и кои се „чесни и транспарентни“, како што вели неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста не знае со кои познати светски фирми од областа на енергетиката соработувал Мицкоски во неговото претполитичко време. И како работел и со акции на берзата. Во тоа претполитичко време тој ја купил големата куќа што тогаш вредеше огромни пари (а сега уште поголеми) за 437.000 евра. Бидејќи кредитот што е наведен во анкетниот лист е мал (нешто повеќе од 6.000 евра) тоа значи дека Мицкоски не се обратил до банките за помош да го купи многу вредниот имот. И дека веројатно го има купено со парите што ги имал.

Можеби затоа што работел со „познати светски фирми од енергетиката“ неговите видео изјави од Светскиот економски форум во Давос беа фокусирани единствено на енергетиката, за нудењето на Чебрен, Галиште и Бошков Мост за изградба на хидроелектрани. Како што ги нудеше лани пролетта на потенцијалните инвеститори во Обединетите Арапски Емирати.

Во енергетика добро, многу добро, па дури и одлично се заработува. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, е добар пример за тоа. Таа во анкетниот лист наведува многу повеќе детали: По два стана во Шпанија и во Македонија, по еден во Португалија и Србија. Вредноста само на пријавените станови на Божиновска надминува еден милион евра.

Во анектните листови на Антикорупциската комисија се наведени само имотите за кои функционерите тврдат дека ги имаат. Некои имоти може и да не се пријавени. Но најважно од сѐ – нема податоци како сегашните функционери ги заработувале парите и во кои компании пред да станат фактори во политиката. Таква обврска законски немаат, а веројатно нема ни да имаат. Иако ВМРО-ДПМНЕ вели дека „сѐ е чесно, транспарентно и до детаљ објаснето за неговите примања што ги имал“. (Љ.П.)