До 2070 година во Македонија ќе останат само 1,3 милиони луѓе

Има три клучни елемнти за претпоставното намалување на населението - стапката на фертилитот, морталитетот и миграцијата


Фото: Б. Грданоски

 

Сите седум проекции за населението во Македонија до 2070 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.

Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали од 1,8 милиони во 2021 на 1,3 милиони жители.

Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешно-политичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението претставува моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитет и миграции во дефинираните период, без утврдување на веројатноста на нивното остварување.

„Проекциите се алатка на креаторите на политики што ќе им помогне во носење на соодветни мерки“, нагласи Симовски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на промоцијата рече дека позагрижувачки од негативни демографски трендови, е да немате свесност за проблемот.

„ДЗС врз основа на резултатите од Пописот 2021 изготви проекција според која населението до 2030 би се намалило на 1,3 милиони. Од трите клучни елементи, стапката на фертилит, морталитет и миграција, најзагрижичувачки е третиот. Барем засега, кај нас најзагрижувачки е стапката на иселување, а не стапката на фертилит“, изјави Пендаровски.

Според многумина, најголема причина за иселувањето е корупцијата, рече Пендаровски, посочувајќи дека сѐ повеќе луѓе се иселуваат не поради ниската плата, туку поради квалитетот на животот.

„Целта на преокциите не е да нѐ турне во апатија, туку да нѐ освести“, нагласи Пендаровски.

Според публикацијата, набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).

„Тоа значи дека задржувањето на вредностите на компонентите на движењето на населението на ниво на 2022 година (стапка на вкупен фертилитет од 23% под потребниот за замена на генерацијата, за европските стандарди релативно кратко очекувано траење на животот од 76 години и многу висока нето-емиграција од преку 14 илјади лица годишно), би довело, до крајот на проекцискиот период, до енормно намалување на населението од 1,3 милиони лица“, покажува публикацијата на ДЗС.

Истовремено, остварувањето на варијантите кај кои е претпоставено изостанување на надворешни миграции, со умерено зголемување на нивото на фертилитет, како и континуирано и релативно интензивно намалување на смртноста, би резултирало со намалување на населението за „само“ 346 илјади лица или за една петтина (19 проценти) во однос на почетокот на проекцискиот период.

Кај останатите пет варијанти, разликите во интензитетот на намалувањето на бројот на населението би биле помалку изразени, но, сепак, прилично интензивни. Според варијантата на средниот фертилитет, вкупното намалување би изнесувало 35 проценти (од 1,8 на 1,2 милиони жители).

Истовремено, остварувањето на варијантата на висок фертилитет би резултирало со намалување на населението за 23 проценти (од 1,8 на 1,4 милиони). Треба да се истакне дека единствено според таа варијанта, намалувањето на населението не би било континуирано. Имено, под претпоставка на остварување на релативно брзо зголемување на фертилитетот, кој почнувајќи од 2034 година би се стабилизирал на 2,03 деца по жена, би можело да дојде до стопирање на процесот на намалување на населението, но дури после три децении, односно почнувајќи од 2064 година. Тоа укажува на комплексноста на демографската состојба во земјата, која најдобро се согледува преку ефектите од негативното миграциско салдо и многу интензивниот и напреднат процес на стареење на населението. Публикацијата е достапна на линкот /https://www.stat.gov.mk/publikacii/2023/Proekcii_2070_mk.pdf