До 17 часот во Дебар одѕивот 36, а во Центар Жупа 13 проценти од вкупниот број гласачи
Во општините Дебар и Центар Жупа до 17 часот изборниот ден минува без никакви проблеми, но со помала излезност споредено со минатите локалани избори, посебно во Центар Жупа.
Во општина Дебар до 17 часот на гласање излегле 6.737 лица со право на глас или 36 отсто од вкупно запишаните граѓани. На локални избори во 2017 годна, до 17 часот, одѕивот бил 40 отсто.
– Членовите на Општинската изборна комисија во текот на денот прават обиколка на сите 27 избирачки места и до сега не се забележани никакви недолседности во текот на гласањето. Се надеваме дека така ќе биде до крај, вели Елмира Бакали, претседателка на Општинската изборна комисија во Дебар.
Според претседателот на Општинската изборна комисија во општина Центар Жупа, Еран Зубер до 17 часот на гласање излегле 881 лице со право на глас или 13 отсто.
На минатите локални избори до 17 часот одѕивот на гласачи бил 32 отсто.
Изборите во двете општини ги следат и набљудувачи на граѓанската асоцијација „Мост“, а дел од избирачките места посетија и набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР.