ДКСК ја проверува имотната состојба на Груби
Додека полицијата и обвинителството ја испитуваат улогата на поранешниот вицепремиер Артан Груби за малверзации преку „Државна лотарија“, што резултираше со кривична пријава против него и уште 7 лица за злоупотреба од над 8 милиони евра, Државната комисија за спречување на корупција ја проверува неговата имотна состојба. Прибавени се податоци од надлежни институции и банки во Република Северна Македонија и во тек е анализа на истите. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница .
Овој предмет е отворен одамна, од 2023 година, откако беше опожарено возило марка „ауди“ што го управувал тогашниот прв вицепремиер, кое било во сопственост на приватна компанија, чиј сопственик Груби го ословуваше како другар.
Груби се бранеше дека повеќе од три години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер добил службено возило, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал за да не губи на вредност. Оттогаш, кога и да му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“.
Антикорупциската комисија започна да врши проверка на имотната состојба на Груби и неговото семејство, но наидувале на отпор и опструкции од страна на Груби.
Во меѓувреме, Груби заработи кривична пријава поради основано сомнение дека учествувал во криминал во „Лотарија“, додека прв човек на акционерското друштво во државна сопственост беше неговиот близок соработник Перпарим Бајрами. Покрај нив, осомничени се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, поранешен владин генсек и повеќе државни службеници вклучени во процесот на набавка на апарати за коцкање.