Антикорупциска бара да се гонат сите вклучени во бензинската пумпа на „Пуцко петрол“ во Карпош


 

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе бара од Обвинителството за организиран криминал и корупција кривично да ги гони сите кои учествувале во постапка за донесување на деталниот урбанистички план во Карпош за бензинската пумпа на „Пуцко петрол“. И тоа во периодот од неговото прво усвојување во 2016 година во мандатот на градоначалникот Стевче Јакимовски, се до неговото укинување по втор пат од Уставниот суд.

Антикорупциската комисија ќе достави и иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на Деталниот урбанистички план за градска четврт (3 04, помеѓу булеварите „Илинден“, „8 Септември“, реката Вардар и улица „Љубљанска“) во општина Карпош, од неговото прво усвојување, до неговото укинување по втор пат од Уставниот суд.

Членот на ДКСК, Шемси Салаи, информира дека предметот е оформен врз основа на поднесена пријава од непознат подносител, по електронски пат. Пријавата е сукцесивно надополнета на 27 јули 2022 година и на 16 јануари годинава.

„Се истакнува дека овој ДУП не бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, дека истиот овој ДУП еднаш бил укинат со одлука на Уставен суд на РСМ, дека плацот бил предвиден за градба на други објекти за друга намена, дека не можело да се врши пренамена на плацот во бензинска станица, дека земјиштето билo продадено на ‘Пуцко петрол’ од Општина Пласница, кој не добил одобрение за градење во законски предвидениот рок. Наведено е дека како последица на ваквото коруптивно дејство, ‘Пуцко петрол’ добил пресуда од Основен граѓански суд Скопје во негова корист, со која Општина Карпош била задолжена да исплати штета во поголем износ без основ, дека судијата кој работел на предметот ја донел таа одлука не работел чесно и стручно, дека не се следеле насоки од Апелацискиот суд Скопје да се изврши супервештачење за штетата, со оглед дека еднаш донесената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување и одлучување. Истакнато е дека и за вториот ДУП Уставниот суд повел постапка за негово преиспитување и ја запрел неговата примена во правниот промет“, посочи Салаи.

Тој рече дека по извршената анализа на фактите и доказите, ДКСК утврдила дека во конкретниот случај се работи за донесени два идентични ДУП-ови и дека тие не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Во времето на продажба на градежната парцела немало изградено гасовод и не е спроведена стратешка оценка за влијанието на животната средина. Исто така, „Пуцко петрол“ не успеал да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинската станица.

Антокорупционерите на денешната седница посочија дека до Министерство за локална самоуправа ќе достават претставка за понатамошно постапување и распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно Законот за локална самоуправа.

„За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива“, ќе се достават претставки до надлежните државни органи и институции, велат од ДКСК.