Директорот на „Стрежево“ од Битола кривично се гони за набавка на стар ратрак


 

БИТОЛА – Актуелниот директор на ЈП „Стрежево“ Битола кривично се гони за набавка на стар ратрак од близу 2 милиони денари за потребите на ски патеката „Нижеполе“ на Пелистер  со која стопанисува претпријатието. Кривично се гони и управител на приватна фирма од Битола.

Веста на својот Фејсбук профил ја објави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во неа стои дека „Одделот за криминалистичка полиција, по добиена Наредба од ОЈО Битола, презема предистражни дејствија и по обезбедена документација и извршен увид во неа, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Г. од Битола како директор на ЈП ‘Стрежево’ Битола за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување и Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и против Љ.М.П. од Битола како управител на правно лице од Битола.“

Директорот на „Стрежево“ знаејќи дека правното лице во текот на 2018 година,  имало набавено тапкач за снег-ратрак, спровел постапка за јавна набавка на ратрак за потребите на претпријатието со точно одредени технички карактеристики на потребниот ратрак како тој што го поседувало правното лице од Битола и тој да не е постар од 1995 година.

„На оглас како најповолен економски оператор понудувач било избрано предметното правно лице од Битола, додека Љ.М.П. на конкретниот оглас доставила понуда со невистинити податоци дека ратракот кој го нуди е произведен во 1995 година, иако знаела и била свесна дека ратракот кој го поседувала е произведен 1993 година, по што бил склучен договор со наведеното правно лице на износ од 1.875.967 денари без ДДВ, иако ратракот бил купен од странство за износ од 414.492 денари, односно истиот бил набавен од ЈП ‘Стрежево’ за 4,5 пати повисока цена од набавната и за износот од 1.875.967 денари М.Г. го оштетил јавното претпријатие, а Љ.М.П. се стекнала со противправна имотна корист.“, стои во објавата.

Во декември 2019 година, „Стрежево“ објави дека набавена е специјализирана машина за обработка на снег – тапкач на снег (ратрак) кој ќе овозможи уредување на патеките и подобрување на условите за скијање. (А.Б)