Директорката на Агенцијата за разузнување не праќала извештаи за работата до Владата и Собранието
Антикорупциската комисија примила претставка против директоката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, во која е наведено дека наводно не доставувала извештаи за работата на Агенцијата ни до Собранието ни до премиерот на владата. Дали наводите на претставката се точни или неточни, ќе треба да пресече претседателката на државата. Државната комисија за спречување корупција реши предметот да ѝ го препрати на одлучување на претседателката Гордана Силјановска Давкова под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање.
На седницата беше презентирана уште една претставка за вработен во Агенцијата за разузнавање, кој наводно на Фејсбук имал фотографии од партиски штаб во времето на парламентарните избори. И за него антикорупционерите нема да постапуваат, туку предметот е алоциран во внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.
На денешниот дневен ред не се најде пријавата против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски за кого беше поднесена претставка до Антикорупциска по повеќе основи за наводно неисполнување на условите да биде директор. Во однос на случајот, доставени се неколку пријави до ДКСК. Од страна на ДКСК поднесени се барања за прибирање на потребна документација за утврдување на фактичка состојба, за што уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК, велат од Антикорупциска за предметот за Христовски.