Директорката на Државниот архив ја разрешиле преку секретарката на премиерот
Наташа Котлар-Трајкова, директорката на исклучително важната институција Државниот архив, била разрешена на еден прилично груб начин – преку секретарката на премиерот Христијан Мицкоски. Се разбира, секретарката не е таа што ја разрешила, туку само телефонски ѝ соопштила дека не е веќе директорка.
Според информацијата на ТВ24, која прва ја објави веста, Котлар-Трајкова си била на работното место кога стигнал повикот од кабинетот на премиерот.
Разрешената директорка за ТВ24 ја објасни целата ситуација околку отказот. Таа за телевизијата изјави дека вчера по телефон ѝ се јавила жена која се претставила како секретарка од кабинетот на премиерот и ја известила дека по тоа јавување таа веќе е разрешена и не е повеќе директор на Државниот архив. Немало никакво образложение зошто била донесена таквата одлука.
Котлар претпоставува дека повод за ова разрешување едно интервју во август во кое изнела критики за нашата дијаспора во Австралија. Но причините, според неа, биле други. Котлар тврди дека тоа било желбата на нејзиниот заменик владејачката ВМРО ДПМНЕ. „Од првиот ден заменикот ми вршеше психичка тортура, тој одлучуваше за сѐ а јас бев безгласна буква“, тврди Котлар за ТВ24.
Професорката Наташа Котлар, која работеше во Институтот за национална историја, е блиска до ВМРО-ДПМНЕ и на претходните локални избори во 2021 беше кандидат на оваа партија за градоначалник на општина Центар.
Од владата за телевизијата ја потврдиле информацијата дека професорката Котлар по една година и четири месеци е разрешена на седница на владата, а причината била „кадровско освежување“.