Директорката на Центарот за култура во Битола си поднесе оставка
БИТОЛА – Маја Андоновска-Илиевски, директорката на Центарот за култура во Битола, поставена пред 6 и пол години денеска објави дека ја напушта челната позиција во оваа културна установа оквалификувајќи го како „тежок личен чин“. Таа е една веројатно една од последните директори поставени во времето на СДСМ во Битола кои даваат оставка по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
„Поднесување оставка е тежок личен чин, кој го правам со длабока анализа, размислување и проценка на состојбите и причините кои водат до него“, пишува Андоновска-Илиевски.
Во објавата на Фејсбук таа не прецизира зошто предвреме го напушта мандатот, туку се заблагодарува на двата градоначалници со кои вели имала соработка, мислејќи и на Наташа Петровска и на Тони Коњановски. „Соработка која секогаш беше идентично присутна во градењето на заедничка успешна приказна за културата во Битола“, пишува таа.
Андоновска-Илиевски наведува дека се враќа во Битолскиот театар каде е вработена како актер.
За нов раководител на Центарот за култура во Битола е избран Влатко Илиевски, а Андоновска-Илиевски пишува дека –„ му оставам институција без долгови, со стабилни основи и јасна визија за иднината“.
Таа има порака до министерот за култура Зоран Љутков да овозможи нови вработувања во Центарот за култура во Битола. (А.Б.)