Директорка на московски театар даде оставка, не сака да работи за „убиецот“ Путин
Скромни антивоени протести избија – и веднаш беа задушени – во неколку руски градови денеска , вклучувајќи ја и Москва, централниот град Челјабинск и Новосибирск во Сибир. Полицијата ги приведе демонстрантите во сите три града веднаш по нивното појавување.
Исто така некои истакнати членови на руското граѓанско општество ја осудија војната. Познатите личности, вклучително и телевизискиот водител Иван Ургант, се огласија на Инстаграм изразувајќи дека жалат за постапките на Кремљ, додека Елена Ковалскаја, директорка на московскиот државен театар Всеволод Мејерхолд поднесе оставка во знак на протест, велејќи на Фејсбук: „Невозможно е да се работи за убиец“.
Сто и седумдесет руски новинари и научници потпишаа отворено писмо во кое ја осудуваат инвазијата.
„Нема рационално оправдување за оваа војна. Обидите да се искористи ситуацијата во Донбас како изговор за воена операција не влева никаква доверба. Јасно е дека Украина не претставува закана за безбедноста на нашата земја. Војната против неа е неправедна и искрено бесмислена.
Украина беше и останува земја блиска до нас. Многумина од нас имаат роднини, пријатели и научни колеги кои живеат во Украина. Нашите татковци, дедовци и прадедовци се бореа заедно против нацизмот. Отворањето војна заради геополитичките амбиции на раководството на Руската Федерација, поттикнато од сомнителни историски фантазии, е цинично предавство на нивната меморија.
Ние ја почитуваме украинската државност, која се потпира на навистина демократски институции. Со разбирање се однесуваме кон европскиот избор на нашите соседи. Убедени сме дека сите проблеми во односите меѓу нашите земји можат да се решат по мирен пат“, стои во писмото.