Директор на комунално претпријатие во Гази Баба обвинет за проневера


Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против  поранешен в.д. директор на комуналното претпријатие „Гази Баба – 2007“ обвинет за проневера во службата.

– Обвинетиот, во периодот од 01 јануари 2021 до 31 декември 2021 година, како службено лице – в.д. директор на ЈКП „Гази Баба – 2007“, со намера за друг да прибави противправна имотна корист присвоил пари доверени во службата. По претходна одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие за ангажирање невработени лица за вршење јавни работи за потребите на Општина Гази Баба, обвинетиот склучил договори со седум лица. Договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот.

Притоа, иако за нив водел евидентни листови кои обвинетиот лично ги потпишувал, наводно ангажираните привремени работници не работеле во ЈКП „Гази Баба – 2007“, а на одредени датуми за кои примале хонорар всушност се наоѓале надвор од границите на државата. За тоа време тие биле уредно водени дека ги извршуваат ангажманите за кои склучиле договори и им се исплаќал паричен надоместок, кој во вкупен износ за сите седум лица достигнал 880.516 денари, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител заедно со обвинението доставил и посебен предлог со кој побара да бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице и привремено одземање на патната исправа.