Димовски во знак на протест гласал против разрешување на Фазлиу
Поранешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во средата вечерта го даде едениствениот глас „против“ разрешување на еден од „преостанатите“ тројца министри.
Од владата заминаа вкупно седум досегашни членови, но четворица од нив поднесоа оставки, така што парламентот ги разреши единствено Драган Тевдовски од СДСМ и Хазби Лика од ДУИ, со по 64 гласа „за“ – сите на пратеници од парламентарното мнозинство и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Затоа, пак, 65 пратеници гласаа „за“ разрешување на Сухел Фазлиу од НДП од министер за локална самоупрва, а единствениот глас „против“ е на Димовски, кој од неодамна седи во парламентот на пратеничкото столче што беше резервирано за експремиерот Никола Груевски – прво од десно во левата опозициска редица во собраниската сала.
Димовски ни изјави дека не случајно гласал против разрешувањето на Фазлиу.
-Со тоа сакав да пратам порака дека се спротиставувам на политиките на премиерот Зоран Заев кон албанските партии, што по потреба ги зема и ги отфрла од владата. Таков беше случајот со Алијансата за Албанците, а сега и со НДП. Тоа не оди во прилог на концептот „едно општество за сите“ на кој Заев постојано се повикува – ни изјави Димовски.
Сопартијците на Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од него, се воздржаа од какво било гласање во однос на предлозите на Заев за разрешување на тројцата досегашни министри. Според листингот од гласањето во средата, за разрешувањата не гласале ниту пратениците од независната пратеничка група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ.
Од гласање се воздржал и Весел Мемеди, единствениот досегашен пратеник на НДП, која по разрешувањето на Фазлиу заминува во вонпарламентарна опозиција. Мемеди најави дека ќе го врати пратеничкиот мандат, со што се празни и едно потпретседателско место во Собранието, а на негово место треба да влезе Арта Точи – кандидатка на Алијансата за Албанците од заедничката листа на овие две партии во шестата изборна единица за изборите во 2016 година, кога тие настапуваа во коалиција. (A.M.M.)